/ Прочитано:

1.484

Пакетот закони за реформи на системот за следење на комуникациите влегуваат во собраниска процедура

Владата го утврди новиот текст на Предлог-законот за следење на комуникациите.  Со предложениот закон се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација.

Со овој закон се уредуваат постапката за спроведување посебна истражна мерка: следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации; условите и постапката за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата; обврските за Оперативно-техничката агенција и операторите, како и надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.Исто така, Владата го утврди Предлог-законот за Оперативно-техничка агенција (ОТА), со одлука да го достави до Собранието на Република Македонија во согласност со членот 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Предлогот на закон за ОТА и неговото донесување произлегува од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), како една од клучните активности во процесот воспоставување правна рамка чија цел ќе биде имплементација на национален модел во предметната област, со кој ќе се овозможи реализација на препораките на гореспоменатата група високи експерти.

Со Законот за Оперативно-техничка агенција се уредува основањето на Оперативно-техничката агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во Агенцијата, и стручниот надзор што Оперативно-техничката агенција го врши над работата на операторите и нејзиното финансирање.

Владата го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации.
Со предложениот закон се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација.

Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации се заснова врз начелото за заштита на моралниот интегритет и почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори.

Владата го утврди и Предлог-законот за дополнување на Законот за класифицирани информации. Ова предлог-законско решение произлегува од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеењето на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), и овозможува постапката за безбедносна проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти од тие тела, во согласност со Законот за следење на комуникациите, да трае еден месец од денот на поднесување на барањето.

Со овој Предлог на закон се предвидува и безбедносна проверка од втор степен за лицата пред засновање на работен однос во Оперативно-техничката агенција, во согласност со Законот за Оперативно-техничка агенција, да трае еден месец од денот на поднесувањето на барањето.

M.В