/Прочитано:

211

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара професионализам, департизација и интегритет од членовите на ДКСК

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара воспоставување професионално тело за антикорупција кое ефективно, независно и со висок интегритет ќе иницира и ќе ги спроведува законските надлежности и политиките за спречување на корупцијата во Република Македонија.

Платформата повикува на промена на актуелниот модел за избор на членовите на  Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кој ќе се базира на компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието на РМ.

„Бараме претставниците на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК. Исто така, бараме како приоритет да се поведе постапка за преиспитување на моделот на институција за борба против корупцијата, и формирање на институција која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето.

Укажуваме дека за Платформата е неприфатливо членовите на ДКСК да бидат предмет на меѓупартиски преговори, со што би продолжила досегашната практика на лојалност кон политиката на власт, наместо нејзина активна контрола и почитување на законите“, посочуваат граѓанските организации.

Во изминатите три години Платформата во континуитет укажува на неефикасната борба против корупцијата, на назадување на земјата во однос сите индекси за корумпираност, владеење на правото и ефикасност на институциите за справување со корупцијата и со криминалот.

Голема одговорност носат последните состави на членовите на ДКСК во врска со констатираната неактивност, нетранспарентност и селективност при извршување на својата функција, што се должи на нивната некомпетентност и недостиг на личен и професионален интегритет. Граѓаните немаат доверба во ДКСК, поради што е неопходно да се воспостави ефикасен систем за граѓанска контрола над работата на ова тело.

Во изминатите десет години, ДКСК наместо да се занимава со корупцијата на високо ниво, помеѓу носителите на политички функции, своите активности ги насочуваше кон одредени случаи на „ниска“ корупција на администрацијата. Наместо да ги испитува центрите на моќ кои ја заробија државата, ДКСК кон крајот на 2016 г., поттикната од лидерот на политичката партија на власт, побара од Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање врз 21 здружение и фондација да вршат долготрајни детални контроли на финансиско-материјалното работење. Оваа активност претставена како контрола на наводно незаконско работење всушност претставуваше притисок над оние што ја остваруваат својата улога на коректив на власта.

Наодите за неосновано трошење на буџетски средства во ДКСК откриени при ревизијата од страна на УЈП, на површина исфрлија само дел од негативните состојби кои веќе подолго време се присутни во ова тело. Поради тоа сметаме дека поднесените оставки не смеат да бидат „доволни“ и бараме истрага и утврдување на постоење на основи за одговорност за незаконито работење, корупција, тргување со влијание и злоупотреба на службената должност.

Платформата го упатува ова барање до Собранието, како надлежен орган за избор на членовите на ДКСК, до Владата и до политичките партии со цел сите засегнати страни соодветно да размислат и во овие клучни моменти на утврдување на правецот и одлучноста за развој на демократијата во државата да предложат  решение кое ќе понуди бескомпромисно справување со корупцијата како распространета форма на криминал и фактор за назадување во евроинтеграциските процеси и економскиот развој на земјата.

M.В