/ Прочитано:

6.328

По иницијатива на адвокатoт Георгиевски, Уставниот суд ќе расправа за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Уставниот суд на Република Македонија, според најавите од Судот, утре треба да ја разгледува Иницијативата со која се оспорува во целост Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Иницијативата со која се оспорува Законот за одредување и одмерување на висината на казната е поднесена од Христијан Георгиевски, адвокат од Куманово.

Со Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната се уредува  одредувањето на видот и одмерувањето на казната, договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето, како и формирањето, составот, мандатот и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика.

„Како подносител на Иницијативата за оцена на уставноста на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, сметам дека тој не е во согласност со Уставот на Република Македонија ниту со другите закони кои ја регулираат оваа проблематика, поточно кривичната област на законодавството, односно дека не соодветствува во совршена правна кохезија и целина со правниот поредок на Република Македонија. Во самиот закон е наведено дека: ‘Со овој закон се уредува одредувањето на видот и одмерувањето на казната, договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето, како и формирањето, составот, мандатот и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика’ и дека целта на законот е воедначување на казнената политика при изрекувањето на казните од судовите во Република Македонија преку пропишување објективни критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната“, истакнува адвокатот Христијан Георгиевски.

Иако интенцијата на законодавецот, додава адвокатот, била полесно имплементирање на Законот за кривичната постапка, како и за олеснување на спогодувањето меѓу обвинителите и обвинетите за висината на кривичната санкција, сметаме дека со него се врши категоризација на кривичните дела и се определуваат нивоа на кривичните дела, како и нови распони на минимални и максимални казни во рамките на новововедените категории, а тоа е можно само со Кривичниот законик.

„Оттука, начинот на определување кое кривично дело во кое ниво би спаѓало не само што нема законска основа, туку е нејасен, без конзистентни критериуми. Како може на судиите да им ги врземе нозете, а од нив да бараме да трчаат?! Како што е поставен самиот закон, судиите ќе бидат ’обични препишувачи на табеларни прикази на казни‘, без притоа да имаат предвид околности поврзани со самите личности кои ќе се јавуваат како сторители на кривични дела. Никој, па ни законодавецот, не смее да ги ограничува судот и слободното судиско убедување во делот на оценување кои околности се важни за избор и одмерување на кривичната санкција. Самото слободно судиско убедување е израз на судската независност во одлучувањето и е особено важен принцип во кривичното право и теорија, особено имајќи го предвид фактот што слободата на судиското убедување не значи самоволие и арбитерност на судиите, туку оцена во рамките на законски изведените докази врз кои судот ја заснова својата одлука“, вели адвокатот Георгиевски.

Ваквото негирање на принципот на слободно судиско уверување, нагласува адвокатот, го уназади одмерувањето на казните како суверено и самостојно подрачје на самите судии, а особено имајќи предвид дека постојат решенија кои се во колизија со овој закон и со Кривичниот законик.

„Така на пример, во самите работни листови стои олеснителна околност – крајна нужда, која се предвидува во корист на обвинетиот, но таа, како правен институт, претставува основа за исклучување на кривичната одговорност во согласност со член 10 од КЗ. Судиите се единствените овластени според Уставот да одлучуваат за индивидуалниот изглед на казнената репресија во секој конкретен кривичен случај. Носителот на законодавната власт излегува надвор од своите овластувања ако и покрај законското пропишување на санкциите предвидено во Кривичниот законик изрази настојување да го контролира и судското одмерување на санкциите, а за кое нешто сметаме дека постапил според Законот за одмерување на казните. Од една страна, ги пропишал санкциите во посебниот дел од КЗ, ги дал основите за индивидуализација во општиот дел од КЗ и со тоа ја исполнил својата задача. Ако настојува да го ограничи и шаблонизира во калапи и мостри и судското одмерување, во тој случај се манифестира недоверба во судиите и се минира начелото на индивидуализација на казната“, образложува адвокатот.

Самата вертикална категоризација, посочува Георгиевски, е многу оскудна бидејќи го зема само елементот на претходна осудуваност како поделба по табели, а не и другите околности од кои зависи или не зависи самата казна.

„Од друга страна, ако едно лице било осудено и ја има завршено таа казна, односно го има платено долгот кон општеството, која е социјалната оправданост таа осудуваност пак да му се смета доколку стори ново кривично дело и која му е и целта на принципот на ресоцијализација и реституција во конкретниот пример? Ќе се најдеме ли во ситуација едно лице за обична сообраќајна незгода да биде сместено во затворска установа, само затоа што еднаш било осудувано?“ запрашува адвокатот.

Георгиевски вели и дека самите работни листови даваат една пристрасна слика во поглед на оценувањето во Прилог 3 од самиот закон. Така, појаснува адвокатот Георгиевски, во делот на олеснувачките околности во делот 3 за јачина на загрозувањето доколку не настапила штетна последица се оценува со 2 поени, отсуство на трајна последица со 2 поени, незаинтересираност на оштетениот за гонење со 1, во делот 7 за лични прилики, изразеното жалење и каење со 2 поени, коректно однесување со 1 поен, придонес кон ефикасно окончување со 1 поен, во делот 8 за други околности семејната состојба со 2 поени, и целата таа група со 1 или 2 поени, а во делот 9 за поранешното дело ако поминале повеќе од 10 години, само 4 поени. Од друга страна, во делот на отежнувачките околности во работниот лист Б, постои построга поенизација на околностите, така што планирањето е со 8 поени, зачестеноста со 9, јавност со 7, поранешно вознемирување со 7, па дури и прекршочната казна се зема како кривична околност, што е нејасно од која причина. Оттука, јасна е повластената положба на отежнувачките околности во однос на олеснителните, и тешката положба во која се наоѓаат судиите да пресметуваат поголем број олеснителни околности за 1 или 2 отежнувачки  околности со поголем број поени, за да му изречат на обвинетиот поблага или условна кривична санкција.

„Ова се класични практични примери и состојби со кои се среќаваат адвокатите, судиите и обвинителите во кривичните предмети во РМ, а кои со себе носат и тешки реперкусии за граѓаните на државата. Во согласност со претходно кажаното, и повеќе од јасна е потребата од укинување на овој закон, со оглед дека тој не само што не е во најдобар интерес на граѓаните на РМ, туку напротив, ја поткопува вербата во законските институции, кога едно лице, кое од која и да е причина ќе се најде во кривична постапка, ќе биде оставено на математичка равенка, со која кроиме човечки судбини и решаваме животни прашања“, нагласува адвокатот Христијан Георгиевски.

На последното советување насловено „Практични искуства од досегашната имплементација на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“, адвокатите повторно ја нагласија потребата од итно укинување на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Ставот на адвокатите е дека со Законот се губат индивидуализацијата на казната и слободното судиско убедување, дека се неоспорни неговата контрадикторност и неусогласеност со темелните вредности на Уставот, така што побараа негово итно укинување.

Во својата анализа на примената на Законот за видот и одмерувањето на казните, универзитетските професори по кривично право, д-р Гордана Бужаровска и д-р Лазар Нанев, истакнуваат дека овој Закон е спротивен на Уставот на Република Македонија и дека сериозно го нарушува начелото на поделба на власта предвидено со Уставот. Законот, подвлекуваат професорите, му дозволува на законодавецот да влијае врз судското одмерување на санкциите. Поради својата противуставност, додаваат професорите, Законот мора да биде укинат.

Во анализата за примена на Законот за видот и одмерувањето на казните, универзитетските професори по кривично право даваат и препораки за начинот на кој треба да се укине овој закон. Еден од начините, образложуваат професорите, е тој да биде укинат преку поднесување на иницијатива до Уставниот суд, со оглед на неговата контрадикторност и неусогласеност со темелните вредности од членот 8 на Уставот.

„Неусогласеноста на Законот со темелните уставни вредности се однесува на владеењето на правото и поделбата на власта, но и со неусогласеноста со уставните одредби кои се однесуваат на независноста на судовите и на обврската на Врховниот суд на Република Македонија, како највисок суд, да го обезбеди единството во примената на законите. Исто така, Законот има и бројни контрадикторности што ги предизвикува во примената на определени одредби во постојните закони, како што е случајот со Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка“, посочуваат професорите.

М.В