/ Прочитано:

1.667

По ратификацијата: Што е следно по Истанбулската конвенција

На денешниот настан „По ратификацијата: Што е следно по Истанбулската конвенција“, организиран од Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија по повод Меѓународниот ден на жените, беше истакнато дека е неопходен координиран и искрен пристап на сите институции, сите министерства за справување со родово заснованото насилство и за усвојување на потребните законски измени.

Постојаната претставничка на Обединетите нации, Луиза Винтон го отвори настанот со своето обраќање во кое ги поздрави Владата и Собранието на Република Македонија за ратификацијата на Истанбулската конвенција и се заблагодари на заложбите на овие државни институции во напорите за подобрување на родовата еднаквост во земјата и борбата против родовото базирано насилство. Таа напомена дека ратификацијата на Истанбулската конвенција е многу важен исчекор, но имплементацијата е поголем предизвик на кој треба посветено да се работи

Според претседателот на Владата, Зоран Заев, од клучно значење е координацијата меѓу министерствата за труд и социјална политика, за здравство и за внатрешни работи. Да не заборавиме, рече Заев, дека е ова обврска на целата Влада, на целото општество, кое мора цврсто да се спротивстави и да каже ‘не’ за насилството врз жените.

„Веќе е формирано активно Национално координативно тело против семејно насилство, кое треба да прерасне и да се трансформира во Национално координативно тело против родово засновано насилство. Со одлука на Владата ја формиравме Групата за еднакви можности на жените и мажите. Владата е подготвена да работи на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.

„За Македонија да има систем за заштита од насилство, потребно е да имаме 25 засолништа за жртви на насилство, најмалку пет кризни центри за жртви на силување, најмалку три центри за жртви на сексуално насилство, како и да се отворат повеќе од 20 центри за советување во кризни ситуации и превенции. Неопходни се и обуки на персоналот кој ќе работи во нив, законски измени, како и едукација на судиите и јавните обвинители кои треба да го препознаат и соодветно да го казнат родовото насилство“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Министерството за здравство, истакна министерот за здравство Венко Филипче,  во соработка со УНДП, интензивно работи на воспоставување три центри за упатување на жртвите од сексуално насилство, во согласност со Истанбулската конвенција, еден на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и по еден во болниците во Куманово и во Тетово.

Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Ратификацијата на Конвенцијата подразбира низа обврски за владите што ја имаат ратификувано, да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство, кои се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.

M.В