/ Прочитано:

1.545

По скратена постапка ќе се гласаат измените на Изборниот законик и измените на Кривичниот законик за кривичните дела во врска со изборите

Четврток, 16 јануари 2014 – Постигнатиот политички консензус за Изборниот законик денеска ќе се потврди по скратена постапка во Собранието на Република Македонија со донесување на измените и дополнувањата на Изборниот законик и кривичните дела поврзани со изборите.

Изразената политичка волја за измените и дополнувањата на Изборниот законик и на измените и дoполнувањата на Кривичниот законик е заснована врз препораките во Конечниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР од спроведените локални избори 2013 година, несомнено е дека реформата на изборната регулатива треба да продолжи со цел за подобрување на законските решенија согласно на компаративните анализи на европското законодавство, но и да се предвидат соодветни активности за доследна примена на законите поврзани со изборите.

 Клучни интегрални измени и опеделени цели на Изборниот законик:

  • Уредување на независност на извршните позиции на власта и позицијата на кандидат со цел да осигураат значително разграничување меѓу Државата и Партијата;
  • јасни одредби за вториот круг избори за градоначалници и одредби за избор на градоначалници кога помалку од една третина од регистрираните избирачи излегле на гласање во првиот круг;
  • засилување на транспарентност преку строга примена на условот за објавување на сите записници од средбите на Државната изборна комисија, на вебсајтот на Државната изборна комисија;
  • да им се обезбедуваат потребните средства на општинските изборни комисии на навремен начин-ревидирање на „денот на пресек“ кога се затвора Избирачкиот список со цел таквиот ден на затворање на списокот да биде поблизу до денот на изборите;
  • разликата во природата на стапките на донации за изборни кампањи помеѓу физичките и правни лица;
  • зголемување на бројот на женски кандидати со цел да се утврди ако жена избрана од кандидатската листа поднесе оставка на таквото место, таа да биде заменета со следната жена на таквата листа;
  • ограничувањето на трошоците за изборна кампања да важи и за обата круга гласање кога постојат два круга гласање;
  • неподнесување на финансиски извештаи за предизборната кампања и условите за финансирање изборна кампања кога се одржува втор круг гласање;
  • бесплатно емитување за учесниците во изборната трка во вториот круг;
  • одредби за медиумско претставување при втор круг избори;
  • минимално времетраење на бесплатните претставувања што им се доделуваат на учесниците во изборната трка, со услов бесплатните претставувања да се емитуваат во текот на ударни термини;
  • дозволеното количество на платено политичко рекламирање;
  • рокови за Советот за радиодифузија да реагира ефикасно на медиумските прекршувања;
  • појаснување на јуриздикцијата врз предизборните приговори, преку обезбедување детален опис на надлежностите на Државната изборна комисија и на Општинските изборни комисии;
  • воведување рокови за Државната изборна комисија да ги истражи приговорите за предвремено одржување изборна кампања, со цел да се гарантира ефикасен правен лек;
  • продолжување на рокот за одлучување на судовите по приговори, за да се обезбеди сигурност дека рокот ќе остане доволно краток за да се овозможи ефикасен правен лек;
  • воведување на рокови за Државната комисија за спречување корупција да ги истражува приговорите за злоупотреба на државни средства во текот на изборната кампања;
  • Државната изборна комисија да врши увид во избирачкиот материјал по поднесен приговор, а не само ако најмалку два приговора биле поднесени за соодветното избирачко место;
  • да се обезбеди избирачкото право на членовите на избирачките одбори во странство;
  • справување со сите недостатоци и сета двосмисленост на Изборниот законик кои беа идентификувани во текот на изборниот процес

Активности кои им се забрануваат на функционери

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:

  •  да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал;
  • да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година и
  • да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите и до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:

  •  да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати;
  • да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

Министерството за финансии ќе ги објавува исплатите јавно на интернет

 Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.

 Посебни обврски на новинарите и медиумите

Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радиодифузерите, во периодот од денот на распишување на изборите до нивното завршување не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.

 Уредници, новинари, водители на програма и презентери, ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници, односно учесници во изборна кампања.

 Доколку се определат да учествуваат во вакви активности, нивниот ангажман во програмите на радиодифузерите им мирува од денот на распишување на изборите до нивното завршување.

 Личните податоци ќе се проверуваат електронски, ќе се скенира прстот

Проверката на личниот идентитет се врши преку електронски систем составен од компјутер, читач на лична карта или патна исправа со биометриски податоци и скенер со биометриски сензор, поставен на избирачкото место.

Проверката започнува со вметнување на личната карта или патната исправа со биометриските податоци на избирачот во читачот на лични карти или патни исправи, по што избирачот го поставува соодветниот прст на скенерот со биометриски сензор.

Отисокот од прстот на избирачот добиен од скенерот, преку електронскиот систем, се споредува со податокот за отисокот од прстот на избирачот, добиен преку читачот на лична карта или патна исправа.

Се воведуваат нови кривични дела во врска со изборите и се изменува и дополнува Кривичниот законик

Кривично дело „Противзаконито располагање со буџетски средства  за време на избори“:

Носител на јавна функција кој спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик започне изградба со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти  или објекти за општествени дејности, училишта, градинки или други објекти, ако за таа намена не се претходно обезбедени средства од буџетот, односно не се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година,  ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

Носител на јавна функција кој спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик врши исплаќања на плати, пензии, субвенции, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови или отуѓување на државен капитал или потпишување колективни договори,  ќе се казни со затвор од три до пет години.

Носител на јавна функција кој спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик ќе организира одржување на јавен настан по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објектот со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства од јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки и други објекти, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

Министерот за финансии кој од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на Претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, нема јавно да ги објави на интернет страница во посебна база за буџетски трошоци сите буџетски исплати, освен редовните плати, пензии и комунални трошоци, согласно закон, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

Министерот за финансии кој нема да поднесе или на веб страницата на Министерството за финансии нема да го објави  предизборниот финансиски извештај две недели по распишување на изборите во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот, согласно Изборниот законик, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

>> Предлог – закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка (второ читање) >> Предлог – закон за дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка (второ читање)