/ Прочитано:

1.781

СУДЕЊЕ „Калдрма“: Раководителот и неговиот заменик негираа, изработувачот на лажните сметки ја призна вината

Понеделник, 23 јули 2012 – Раководителот и неговиот заменик негираа, но изработувачот на сметки ја призна вината. Обвинетите поделени, некои од инкасантите признаа дека дале мито, некои од нив негираа дека делеле лажни фискални сметки и прометот го ставале во џеб. Роднините на обвинетите не успеаа да влезат во судница, околу 70 адвокати, 80 обвинети и новинари ја наполнија салата во Врховниот суд. Солзи и негодување кај роднините и обвинетите. Распитот на обвинети продолжува утре. 

Судницата во Врховниот суд, претесна да ги собере сите кои сакаа да присуствуваат на главниот претрес (фото: Војкан Миленковиќ)

Обвинението по овој предмет е напишано на 400 страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три и пол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северо-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека првите двајца обвинети го осмислиле планот и ги организирале останатите  обвинети. Инаку поголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор. Според обвинителниот акт тие ја оштетиле државата за 1,8 милиони евра така што на патниците им издавале лажни  фискални сметки и парите оделе во приватни џебови. 

>> Предметот за случајот „Калдрма“ проследете го тука.


Тек на рочиштето

15:05 – Рочиштето е закажано за утре во 10 часот. Бидејќи денеска скопскиот Кривичен суд потроши 400 евра за да ги спроведе 28 обвинети од битолскиот, прилепскиот и гевгелискиот притвор, а има уште толку обвинетите во куќен притвор, судијата нареди тие што се во куќен притвор, самите да дојдат во судот.  

14:50 -Обвинетиот Тони Јовановски, прв помеѓу обвинетите проговори за некакво мито и некаква група. Тој рече дека му дал 5000 евра на првообвинетиот, кој како раководител му рекол да му даде пари или ќе го премести на нефреквентна патарина. Обвинетиот Јовановски му дал 5000 евра, за потоа неколку месеци да си го осигура работното место на таа патарина. Тој го посочи обвинетиот Христос Поповски дека е организатор на групата и о дека ги собирал парите. Овој исказ предизвика револт кај останатите обвинети, а скоро сите адвокати приговараа. За нив, обвинетиот сакал да си ја намали кривичната одговорност, сметаат дека за неговото тврдење ја добил „наградата“ куќен притвор. 

14:35 – Изработувачот на лажните фискални сметки, обвинетиот Драгиша Калемџиевски ја призна вината. Накратко објасни како ги изработувал лажните сметки и притоа и ги предавал на некоја извесна „Елена“, којашто била вработена во ЈП „Македонија пат“. Обвинителството потврди дека „Елена“, е нивни сведок, а исказот на Калемџиевски предизвика бура од реакции кај адвокатите. И судијата беше заинтересиран, кој ги нарачал сметките, колку чиниле, како се изработувани, што точно се запишувало на нив. Цената одела од кабина. За една кабина, изработувачот заработувал 1000 денари, извесната„Елена“ секојдневно му нарачувала сметки за неколку смени, за различни патарини. 

14:30 – Обвинетиот Рабит Дибрани негираше дека ги познава раководителот и заменик-раководителот. Со нив воошто не се среќавал, ниту му е познато кој го прави распоредот. На судот му потенцираше дека во смена на една патарина се поставени 5 лица, а не 7 до 8 како што пишува во обвинението. 

14:20 – Обвинетиот Христос Поповски исто така работел како инкасант. Него, неколку обвинети во исказот пред истражен судија го посочиле како организатор на група и одговорен за земање пари од останатите обвинети, кои потоа ги предавал кај второобвинетиот и првообвинетиот. Обвинетиот Поповски, пред судот потенцираше дека тој бил на боледување 5 месеци, не земал пари од никого, ниту ги предавал. Останатите обвинети рече дека делумно ги познава.

12:50 – Третообвинетиот Александар Марковски кој работел како инкасант во ЈП „Македонија пат“, збунето со треперлив глас и периодично со насолзени очи, се обиде на судот да му објасни дека тој нема кривична одговорност туку дека имало „хајка“ против него, од страна на неговите колеги. Обвинетиот Марковски се обиде секоја реченица од обвинението кое е распослано на 400 страници, да ја коментира. На крајот, со неколку реченици објасни дека не се чувствува виновен, не направил злосторничко здружување, ниту земал, ниту давал пари никому. 

12:30 – Второобвинетиот Бобан Попкрстевски кој работел како заменик раководител во Секторот за за наплата на ЈП „Македонија пат“, негираше дека организирал група и дека земал некакви пари од инкасантите. Тој негираше дека определувал кој инкасант на која наплатна станица ќе биде распрореден. Соред него, тоа го правеле раководителот и понекогаш директорот на ЈП „Македонија пат“. За да ја посочи својата невиност, обвинетиот Попкрстевски на судскиот совет му објасни дека во два наврати, тој лично пријавувал инкасанти во МВР, во случаи кога на лице место ќе ги фател инкасантите дека не пријавуват промет. Тоа се случило во два наврати, во 2о10 година при контролите од ЈП „Македонија пат“, а вториот пат во 2011 година при контрола на инспекторите од Министерството за транспорт и врски. 


12:00 – Пауза до 12:30 часот. Се очекува, по паузата исказ да даде второобинетиот.


11:05 –  Почна распитот на обвинетите. Освен првообвинетиот Ирфан Идризи, судијата Ѓоко Ристов ги отстрани другите обвинети. Во судницата останаа околу 80 адвокати, од кои дел скоро 1 час му поставуваа прашања на Идризи. Дали примил мито од инкансантите, имало ли средби со сменоводителите, кој го правел неделниот распоред на инкасантите, беа нивните прашања. Првоообвинетиот негираше дека ги познава дел од обвинетите, вели дека немал никакви средби, ниту пак телефонски разговори со нив. Половина час на судот и на адвокатите им раскажуваше за шифрите и лозинките на инкасантите со цел да објасни дека секој инкасант има своја лозинка и никој не може да му го менува прометот на патарината.

11:00 – Поради обемноста на обвинението, обвинителот ги прочита само обвинетите и нафрли неколку реченици околу делата за кои се товарат. Според обвинителството, обвинетите изработувале фалсификувани сметки, парите не ги пријавувале, раководителите на смени им одредувале на која патарина ќе бидат поставени и примале дел од прометот за нив и за двајцата главни организатори, првообвинетите – раководителот на Секторот за наплата на ЈП „Македонија пат“ и заменик раководителот.

10:54 – Старт на рочиштето, условите за одржување на главниот претрес се исполнети.

10:36 – Рочиштето се уште не е започнато. Се чека на спроведување на обвинетите кои се наоѓаат во притвор ширум земјава. Нервоза кај роднините кои чекаат пред влезот на судот, бидејќи судницата во Врховниот суд е претесна за да ги собере сите присутни.