/ Прочитано:

1.153

Поддршка од ЕУ за подобрени услуги за даночните обврзници

Регионалната дирекција Скопје одржа јавен настан за промоција на помошта од ЕУ за Управата за јавни приходи. На настанот свое обраќање имаа амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Драган Тевдовски, министер за финансии и Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи.

„Улогата на една модерна даночна администрација не е само наплатата на даноците, давачките и придонесите, туку и континуирано да се инвестира во намалувањето на административното оптоварување за даночните обврзници преку подобрување на даночните услуги и поедноставување на процедурите“, беше истакнато на јавниот настан.

Во текот на последните три години, седум проекти финансирани од ЕУ, со вкупна вредност од 1,5 милиони евра, овозможија јакнење на квалитетот на даночните услуги преку воспоставување на методи и алатки за ефективно информирање и комуникација, како и градење на капацитетите на Управата за јавни приходи за подобрување на квалитетот на даночните услуги и соработката помеѓу даночните обврзници и Управата за јавни приходи.

„Kонтакт-центарот на Управата за јавни приходи е реновиран, обезбеден е канцелариски мебел, како и нов интегриран ИТ-систем за Повикувачкиот центар и друга опрема. Нови кориснички ориентирани даночни услуги се развиени, т.е. дизајнирана е веб-страница за Контакт-центарот за да нуди навремени информации и модерни он-лајн услуги за даночните обврзници, како и можност да се закажат лични консултации. Исто така, набавени се мобилни даночни шалтери, со цел да се овозможи пристап до даночните услуги за граѓаните кои живеат во најоддалечените области. Покрај тоа, капацитетите на УЈП за испорака на ефикасни даночни услуги се подобрени по пат на поддршка, трансфер на знаење и примена на најдобри практики со помош на Шпанската даночна администрација – Agencia Tributaria“, беше посочено на настанот.

Од УЈП истакнуваат дека воспоставеното опкружување по мерка на корисниците во Контакт-центарот на УЈП, поддржано со проекти финансирани од ЕУ, сега овозможува лесен пристап до даночни информации и намалено време и трошоци за комуникација помеѓу даночните обврзници и даночната администрација. Поддршката на ЕУ за реформа на даночната администрација, нагласуваат од УЈП, продолжува. Проекти веќе се планирани во рамките на ИПА II во вкупен износ од 6,4 милиони евра.

M.В