/Прочитано:

96

Поднесена Резолуција за промени и подобрување на положбата на Ромите

Група пратеници во Собранието поднесе Предлог-резолуција за промени и подобрување на положбата на Ромите во Република Северна Македонија.

Собранието на Република Северна Македонија, се вели во Резолуцијата, ја поттикнува Владата  на Република Северна Македонија детално да го разгледа имплементирањето на законите и другите акти кои го уредуваат ромското прашање и заедно со пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да преземат ефективни политики  за подготовка на законски решенија со стандарди на Европската Унија и нивно хармонизирање со меѓународни норми и стандарди заради унапредувањето на  регулативата за заштита од дискриминација.

Понатаму во Резолуцијата се вели дека Собранието ја интензивира соработката со Советот на Европа и со Парламентот на Европската Унија заради унапредување на правата и општествената и економската положба на Ромите и ромската заедница во земјата, со учество во комисии и интерпартиски парламентарни групи за ромски прашања.

Собранието, се вели во Резолуцијата, ги мотивира Владата, државните органи, граѓанскиот сектор, здруженија и фондации, органите на локалната самоуправа, стопанските субјекти, научните и културните установи и медиумите како креатори на политиките за подобрување на состојбите  на Ромите во Република Северна Македонија да спроведат директни активности, како и да вршат евалуација и мониторинг  врз креираните политики во нивната имплементација.

Понатаму, ја поддржува Владата на Република Северна Македонија во изнаоѓање на дополнителни мерки за подобрувањето на условите и можностите за вработување и намалување на невработеноста на ромската заедница, а преку тоа и нејзина интеграција во општествените текови во Републиката, подигнувањето на нивото на образование на ромската заедница, намалувањето на јазот во квалитетот на домување помеѓу ромската и неромските заедници, континуираното подобрување на здравствениот статус на ромската заедница  и развој и промоција на ромската култура, јазик и традиција, заради целосна имплементација на Националната стратегија за Ромите во Република Северна Македонија  во сите сегменти на економскиот и општествениот живот и ги повикува парламентите на  европските држави, членки на Советот на Европа и ОБСЕ да се заложат и да изградат рамка за заедничка борба против сегрегација и дискриминација на Ромите.

„Оваа Резолуција ќе се достави до Владата на Република Северна Македонија, државните органи, единиците на локалната самоуправа, стопанските комори, универзитетите, здруженијата на невладини организации во Република Северна Македонија, медиумите, Европскиот парламент, Советот на Европа, ОБСЕ и  Обединетите нации“, се заклучува во Резолуцијата.

М.В