/ Прочитано:

2.264

Поедноставени даночни постапки за земјоделците

Со последните измени на Законот за персонален данок на доход значително се поедноставуваат даночните постапки за земјоделците, порачаа на денешната заедничка прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Со последните законски измени се намали прагот за регистрација на овие даночни обврзници. Во таа насока, со измените на Законот се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходно 300.000 денари на 1.000.000 денари, така што земјоделците кои немаат дополнителни приходи во текот на годината ќе имаат право на поврат на данокот на доход. Министерот Николовски посочи дека на овој начин остануваат повеќе пари кај земјоделците, а дополнително ќе бидат ослободени од досегашните административни процедури.

„Повратот на персоналниот данок за земјоделците со зголемениот праг до еден милиони денари важи за земјоделците кои во текот на годината нема да остварат други приходи по други основи. Кон крајот на годината УЈП ќе ги има сите пресметки за тоа колкава група земјоделци ќе бидат опфатени и колку пари се враќаат кај земјоделците. Повратот ќе оди директно на земјоделците, а овој данок ќе се задржува од страна на откупувачите. Дополнително, земјоделците со новите законски решенија се ослободуваат од административните процедури, односно нема да поднесуваат барање за регистрација како даночни обврзници, нешто што досега се вршеше, нема да плаќаат административни такси и нема да поднесуваат годишна даночна пријава. Ова е особено значајно за оваа целна група за која се грижиме, и не само со враќање на парите, туку и со поедноставување на процедурите да добијат побрзи и поквалитетни услуги од страна на институциите“, изјави министерот Николовски, додавајќи дека со новите законски решенија ќе се добијат прецизни податоци во делот на откупените земјоделски производи, што е важно за креирањето на идните мерки и политики.

Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи и ќе се реализира по службена должност, по истекот на годината во која е остварен приходот, односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот за таа година.

Така, граѓаните ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат и нема да плаќаат административни такси за барањето за поврат и за даночниот управен акт со кој се врши повратот, во вкупен износ од 300 денари. На овој начин се укинува процедурата која сама по себе им одзема време и пари на земјоделците и на органот кој треба да води постапка по нивното поднесување.

Со последните законски измени се намали прагот за регистрација на овие даночни обврзници.
„Последните измени во Законот за персонален данок на доход го сменија начинот на кој се оданочува приходот на физичките лица од продажба на сопствени земјоделски производи. Имено, овој приход се оданочува по пат на одбивка, односно задршка на данокот од сумата обезбедена од исплатувачот кој го врши откупот. Даночна основа во овој случај претставува разлика помеѓу приходот и нормираните трошоци во висина од 80%. На овој начин се намалува прагот за регистрација на овие даночни обврзници како вршители на дејност“, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

М.В