/ Прочитано:

1.692

Поголема едукација на менаџерите за спроведување попусти со цел заштита на правата на потрошувачите

Некогаш намалувањето се однесува само на дел од производите, иако тоа не е видливо означено на известувањето за намалувањето, а не се ретки ни случаите кога на попуст е само онаа стока што трговците не успеале да ја продадат во текот на неколку изминати сезони. Граѓаните се жалат и на тоа дека во многу случаи цените пред попустите  се  зголемуваат вештачки.

Распродажба попусти

Многу од потрошувачите, надевајќи се дека за време на попустите ќе заштедат, на крајот остануваат незадоволни. Како главен проблем го посочуваат фактот дека процентот на намалување на цените истакнат на рекламните плакати и на излозите не соодветствува со намалувањето на цената на  производите. Некогаш намалувањето се однесува само на дел од производите, иако тоа не е видливо означено на известувањето за намалувањето, а не се ретки ни случаите кога на попуст е само онаа стока што трговците не успеале да ја продадат во текот на неколку изминати сезони. Граѓаните се жалат и на тоа дека во многу случаи цените пред попустите  се  зголемуваат вештачки.

„Прво на одредени производи ќе им ја  зголемат цената, а потоа им ја намалуваат што е реалната цена всушност. Така, на пример, пред две години ми се допаднаа чизми кои чинеа 9 000 денари. И сега на намалување од 40 % чизмите чинат исто 9 000 денари“, вели Донка Најдовска од Аеродром.

За овие забелешки дел од граѓаните ја информираат Организацијата за заштита на потрошувачи. Според нејзиниот претседател, Маријана Лончаровска, Законот за заштита на потрошувачите има точни правила што значи распродажба, но прашање е колку кај нас трговците го почитуваат Законот.

Според членот 12 од Законот за заштита на потрошувачите, означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или процент, треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на еден од следниве начини:

– со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена, или

– со наведување на зборовите „нова цена“ и „стара цена“, или

– со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена, или

– со наведување на процентот на одобреното намалување за секој одделен производ или услуга или за секоја наведена категорија производи или услуги.

Како претходна цена од ставот 1 на овој член се смета цената која трговецот ја применувал 30 дена пред отпочнувањето на распродажбата на производите.

Сите поплаки на граѓаните за разни злоупотреби на нивните права, меѓу кои и оние во однос на попустите, се регистрирани во кварталните извештаи на Организацијата за заштита на потрошувачите. Од оваа организација ја посочуваат потребата  законодавецот подобро да го  регулира делот со одредбите кои се однесуваат на распродажбите, но и да се опфатат други видови продажби, на пример акциските.

Голем дел од забелешките на граѓаните стигнуваат на адреса на Министерството за економија. Според заменик-министерот Христијан Делев, најголем дел од нив се однесуваат на телекомуникациските оператори.

„Граѓаните се жалат дека наместо пакетот да изнесува, на пример, 599 денари, како што стои во рекламата, на крајот неговата цена излегува многу повисока. Проблемот е во тоа што тие не биле детално информирани за сите дополнителни услуги за кои треба да платат. Сите тие дополнителни услуги се наведени, но во посебен дел, со мали букви“, вели Делев.

Тој наведува и примери кога граѓаните се јавуваат поради тоа што забележале дека на излогот стои знак дека попустот изнесува 50 %, но во продавницата ова намалување се однесувало само на одредени производи.

„Секогаш ги охрабруваме граѓаните да ги пријават овие неправилности во Државниот пазарен инспекторат. Праксата на терен ги уверила дека Законот за заштита на потрошувачите во иднина ќе треба да се дополни, да се допрецизира. Тој е усогласен со нормативите на Европската Унија, но трговците се обидуваат да го изиграат“, вели заменик-министерот за економија.

Според него, овој закон кај нас треба да се направи поексплицитен, а членот кој се однесува на попустите да се разложи.

„На пример, ако пишува дека попустот е 50 %, тоа да биде означено на секој производ на кој се однесува тој попуст. Втората опција би била да не се става реклама за 50 % намалување ако не се однесува на целокупниот асортиман. Попустот да биде ставен само во делот на селектираната стока или кај гардероба  од измината сезона“, посочува Делев.

Според него, она што останува како најголема обврска е потребата од целосно информирање на потрошувачот. Како особено суштинска ја посочува соработката со останатите институции, особено со Државниот пазарен инспекторат, за едукација на менаџерите во Македонија за начинот на кој треба да се планираат и да се реализираат попустите.

Државниот  пазарен инспекторат постапува само по претставки на физички лица. Од таму посочуваат дека вршат инспекциски надзор во делот на спроведување на законските одредби во однос на распродажбите, во согласност со Законот за заштита на потрошувачите. Доколку има недостатоци во делот на непридржување до одредбите за распродажба на производите, Инспекторатот, во согласност со Законот за заштита на потрошувачите го едуцира субјектот на надзор. Доколку тој не го отстрани недостатокот по едукацијата, следува барање за поведување прекршочна постапка до надлежен орган.

Висината на глобата за регистриран прекршок според ставовите 1 – 14 од членот 138 од Законот за заштита на потрошувачите е 700 евра во денарска противвредност за правно лице, односно трговец  поединец и глоба во износ од 30 % од одмерената глоба на правното лице, односно трговец поединец, која ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец.

Според надлежните во Државниот пазарен инспекторат, нерегуларностите во однос на попустите најчесто се кај текстилните производи, односно кај спортската опрема.

Според трговците, попусти се реални и цените драстично се намалуваат. Во еден од салоните за бела техника менаџерите се категорични дека имаат зголемен обем на работа за време на промоциите, што се должи на понудените попусти кои се вистински.

А. Б.