/ Прочитано:

1.976

„Полио плус“: Квалитетното образование е клучно за достоинствена работа на лицата со посебни потреби

Програмскиот директор на „Полио плус“, Томислав Ортаковски, на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија посветена на темата: „Градење на капацитетите на лицата со хендикеп за полесно вработување во приватниот сектор“, истакна дека луѓето со посебни потреби сè уште најмногу се вработуваат во мануфактурните дејности. Според Стопанската комора на Македонија и „Полио Плус“ - движењето против хендикеп, компаниите сè уште не покажуваат посебен интерес за вработување инвалидизирани лица и покрај тоа што државата дава финансиска поддршка.

Најголемиот број лица со посебни потреби, повеќе од 2.000, се вработени, односно се ангажираат преку заштитните организации, а нивниот број во државните и во приватните компании е далеку помал. Според Стопанската комора на Македонија и „Полио Плус“ – движењето против хендикеп, компаниите сè уште не покажуваат посебен интерес за вработување инвалидизирани лица и покрај тоа што државата дава финансиска поддршка.

Програмскиот директор на „Полио плус“, Томислав Ортаковски, на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија посветена на темата: „Градење на капацитетите на лицата со хендикеп за полесно вработување во приватниот сектор“, истакна дека луѓето со посебни потреби сè уште најмногу се вработуваат во мануфактурните дејности.

„Наша основна цел е да го зголемиме бројот на вработувања на инвалидизирани лица во приватниот сектор, но фокусирани сме и на јавните институции. Притоа, сакаме да ја потенцираме и потребата од нивно квалитетно образование, како клучна за достоинствено вработување. Специјализираните училишта немаат иста програма со другите училишта и тоа е причината што лицата со хендикеп не се доволно оспособени за извршување на покомликувани работи. Затоа тие и не се конкурентни на пазарот на трудот“, нагласи Ортаковски.

Тој потенцира дека во изминатите три години во подготовка е законска регулатива со која се предвидува посебен фонд и контрола на трошењето на парите за лицата со хендикеп

„Новата законска регулатива предвидува и овозможување соодветни сервиси и услуги за оваа категорија граѓани директно на работните места, како и квотен систем со кој на секој 35. вработен ќе се вработува по едно лице со хендикеп. Новиот закон се однесува пред сè на човековите права на лицата со хендикеп, недискриминацијата и нивната еднаквост во општеството, отколку на медицинскиот пристап и на т.н. душегрижништво, односно сожалувањето на инвалидизираните лица“, нагласи Ортаковски.

Со цел поголема професионална интеграција на лицата со посебни потреби, Стопанската комора во соработка со „Полио плус“ отвори и Центар за вработување лица со хендикеп.

Центарот, како што беше посочено, треба да претставува цврста врска која практично треба да ги поврзе лицата со хендикеп и бизнис заедницата, а истовремено треба да помогне на државата да ја унапреди положбата за вработување на лицата со хендикеп.

Според Јадранка-Аризанковска од Стопанската комора, преку Центарот се организираат обуки и за хендикепираните и за компаниите за да се надминат недоразбирањата и предрасудите.  Во Центарот оваа категорија граѓани добива соодветна подготовка, се стекнува со потребни знаења, вештини, образование и квалификации за целосна интеграција на пазарот на трудот.

„Центарот за вработување лица со хендикеп им дава и поддршка на компаниите за вклучување на лицата со хендикеп во нивните работни процеси и дејствува во насока на подигнување на свеста дека лицата со хендикеп еднакво придонесуваат во работните процеси како останатите вработени. Центарот има пет програми од кои особено битна е онаа за волонтирање на лицата со хендикеп во која, апелираме, приватниот сектор повеќе да се вклучи, како и бизнис-програмата, која предвидува поддршка за компаниите од аспект на нивна обука, советувања, како да ги подобрат условите и да ги направат посоодветни за лицата со хендикеп“, изјави Аризанковска.

Инаку, во изминативе 17 години, односно од 2000 година наваму, државата обезбедува финансиска поддршка за компаниите во вид на неповратна помош за вработување лица со хендикеп, техничка помош (софтвери, рампи…), а обезбедува и финансиски средства во износ до 200 просечни плати за обезбедување опрема за инвалидизираните лица.

А. Б.