/ Прочитано:

1.011

Политичката волја и јавниот притисок – најефикасни антикорупциски механизми при јавните набавки

Денеска  во Скопје се одржа конференција за состојбите во јавните набавки на тема „Антикорупциски механизми и улогата на засегнатите страни“, во организација на „Балкан тендер воч“ – коалиција на граѓански организации од државите на Западен Балкан.

На денешната конференција амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, рече дека јавните набавки се едно од првите поглавја во преговорите за членство во ЕУ и дека, кога станува збор за набавките, инвестирањето во јавни проекти е од клучно значење за економскиот и социјалниот развој на секое општество, под услов парите на граѓаните да се вложуваат во инфраструктурни проекти што ќе им служат ним.

Последиците од корупцијата во јавните набавки се зголемениот трошок за услугите и загуба на јавните средства во интерес на поединци, како и намалување на квалитетот во услугите. Недоволната доверба на граѓаните во институциите како последица на корупцијата, нагласи Жбогар, го блокира целокупниот развој на општествата. Јавните набавки, додаде амбасадорот, треба да бидат следени од граѓанските организации, и токму затоа нивната улога е многу важна.

Жбогар потенцираше дека за борбата со корупцијата многу е важна политичката волја, но и притисокот на граѓанските организации.

„Искушението да се вклучиме во корупција е исто во сите земји, разликата е во тоа дали постојат институции што ќе ја спречат корупцијата, дали имате законодавство, политичка волја, или доволно јавен притисок за да ја спречите. Токму тука лежи разликата меѓу земјите. Затоа, најмногу зависи од политичката волја на владејачката елита да се направи јавен притисок од страна на граѓанските организации или од организации што вршат мониторинг“, подвлече амбасадорот.

Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, новиот Закон за јавни набавки и заложбата на Владата за поголема транспарентност, како и активноста на граѓанскиот сектор се механизми кои ќе помогнат во борбата против корупцијата.

„Со системски решенија и транспарентно работење ќе добиеме квалитетен систем и ќе застанеме на прав пат. Ја подобруваме и транспарентноста – институциите законски се задолжени да објавуваат многу повеќе податоци, како: план за јавни набавки, склучени договори и мали набавки. Се воведуваат и низа антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки. Истовремено, станува збор за фер закон, кој овозможува поголема вклученост на малите и средни претпријатија во набавките, ги штити подизведувачите, како и вработените кои учествуваат во спроведувањето на договорот.  Накусо, станува збор за европски закон, во согласност со ЕУ-директивите и стандардите, кој предвидува суштинско подобрување во системот за јавни набавки“, образложи Тевдовски.

М.В