/ Прочитано:

1.093

Поради скапите сертификати, никој не може да се вработи како управен инспектор, образложуваат група пратеници

Група пратеници во Собранието на РМ поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор, со кој се врши допрецизирање на мандатот на претседателот и членовите на Инспекцискиот совет, а дополнително се врши и целосно усогласување со последните измени на Законот за административните службеници.

Со предложените измени на Законот за инспекциски надзор покрај другото се уредуваат условите и начинот на избор на претседател и членови на Инспекцискиот совет. Со предложеното дополнување се утврдува мандатот на претседателот и членовите на Инспекцискиот совет да трае три години со право на уште еден повторен избор.

„Сертификатите за познавање на компјутерски програми се премногу скапи, а многу малку луѓе ги поседуваат, поради што подолго време никој не може да се вработи како управен инспектор. Од тие причини со членовите 3 и 4 од Предлог-законот овие меѓународни сертификати се заменуваат со услов познавање на работа со компјутерски програми, со што ќе може да се приложи при аплицирање и сертификат издаден од домашни правни лица кои се занимаваат со оваа работа, а со што ќе се намалат трошоците на граѓаните кои се заинтересирани да се вработат како инспектори“, се вели во законското образложение.

Со законските измени, исто така, се предлага започнатите постапки кои се однесуваат на вработување и унапредување на инспекторите да завршат во согласност со прописите кои важеле пред влегувањето во сила на Законот за инспекциски надзор.

Со Законот за инспекциски надзор се уредуваат условите и начинот на издавање и одземање лиценца за инспектор, правата и должностите на инспекторите, основите за организација и работа на инспекциските служби, основните права и обврски на субјектите на инспекциски надзор, основањето, статусот и работата на Инспекцискиот совет, начинот и постапката на вршење инспекциски надзор, како и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор.

Одредбите од овој закон се применуваат во сите постапки на вршење на инспекциски надзор од страна на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата, или како организациони единици во рамките на органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, освен во посебните постапки на вршење на инспекциски надзор во областа на даночното, царинското и финансиското работење утврдени со закон.

М.В