/ Прочитано:

3.283

Постапката по непотпишување на указот и укажувањата на претседателот на РМ во врска со Законот за употреба на јазиците

Претседателот Ѓорге Иванов упати писмо до Собранието на Република Македонија, со кое информира дека не го потпишува указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците и со кое ги повикува пратениците да ги разгледаат аргументите на неговата одлука.

„Во прилог на ова писмо се наоѓа и деталното правно образложение на мојата одлука. Ги повикувам пратениците на Собранието на Република Македонија внимателно да ги разгледаат моите забелешки“, истакна претседателот Иванов во неговото обраќање во врска со Законот за употреба на јазиците.

Во членот 75 од Уставот на РМ се пропишува дека законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, доколку смета дека не е во согласност со Уставот или е во спротивност со потврдените меѓународни договори, и да го врати на повторно разгледување во Собранието. Доколку притоа Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Во Законот за Собранието на Република Македонија, пак, се пропишува дека  ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Кабинетот на Иванов ги објави укажувањата на претседателот во врска со Законот за употреба на јазиците. Во писмото со укажувањата, Иванов нагласува дека за овој закон потребно е да се отвори широка дебата со учество на стручни луѓе од областа за да се дојде до законско решение кое нема да биде спорно. Укажувањата на претседателот на РМ може да се погледнат на следниот линк.

Уставните и законските одредби за прогласувањето на законите и потпишувањето и објавувањето на актите

Што предвидува Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на Република Македонија

М.В