/ Прочитано:

1.143

Потребен е еднаков третман за јавното и приватното здравство  

Еднаков третман при инвестирање во јавните и приватните здравствени установи (ПЗУ) кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).  Можност за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка, како и потреба од понепосредна и подинамична имплементација на проектот „Учиме од бизнис заедницата“, се дел од мерките кои ќе го подобрат работењето на приватните здравствени установи во земјава, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Доктор Борислав Јосифовски, член на Управен одбор и претставник на приватните здравствени установи во Сојузот, посочи дека во консултација со членовите на Групацијата на приватно здравство, поздравувајќи го реформскиот курс на Владата на Република Македонија и иницијативата за еднакви можности, ја користат приликата за ревизија на постојните решенија и практики.  Во насока на  зголемување на квалитетот на здравствените услуги,  потребно е покрај другите сектори да се поддржи и развојот на приватното здравство во Република Македонија.

„Според постојната состојба во здравствената мрежа на Република Македонија изготвена од Министерството за здравство, во моментов над 70% од вкупниот број здравствени установи се ПЗУ, кои се разликуваат од јавниот сектор (ЈЗУ) исклучиво по сопственоста  која е приватна, за разлика од јавниот сектор каде што основач е Владата на Република Македонија,  но во извршување на својата дејност и двата сектора, доколку се потписници на договори со ФЗО, извршуваат јавни функции за граѓаните. И покрај тоа што ПЗУ и ЈЗУ се еднакви пред законот,  сепак досегашното искуство за кое и јавноста е сведок говори дека инвестициите во здравството во изминатите 25 години, а кои се на товар на буџетот на Република Македонија или ФЗО, се исклучиво наменети за јавниот сектор“, изјави Јосифовски.

Дополнително тој додаде дека е потребно сериозно да се разгледа можноста за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка.

„Во понудениот план за економски раст не е опфатен здравствениот сектор кој како и другите стопански гранки генерира средства во буџетот. Треба да бидат препознаени и вклучени во мерките  на Планот за економски раст и здравствените установи во кои доминантно се даваат услуги на странски државјани, што би  значело поттик во имплементацијата на нови медицински доктрини и технологии, како и во подигањето на нивото на здравствени услуги и на домашен план“, изјави Јосифовски.

За подобрување на комуникацијата и реализација на одредени проблематики, Јосифовски ја истакна важноста од понепосредна и  подинамична соработка на ПЗУ со ресорните владини институции што веќе постои во рамките на проектот „Учиме од бизнис заедницата“.

„Целта е  да се утврди веродостојноста на понудените закони и подзаконски акти со можност да се валоризираат  веќе постојните понудени решенија  и со измени и дополнувања успешно да се отстранат одредени недоречености кои во секојдневната практика прават недоразбирања помеѓу чинителите: јавните службеници (претставници на министерства и инспектори), давателите на услуги и корисници на услугите“, рече Јосифовски.

М.В