/ Прочитано:

1.642

Потребна е ревизија на регулативата за управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион

 

Комисијата за култура ја затвори надзорната расправа на тема: „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културно наследство“.

Надзорната расправа се одржа во три продолженија, при што од повиканите сведоци беа добиени одговори, информации и стручни мислења во врска со спроведувањето на јавните политики во управувањето со Охридскиот Регион, а во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство и нејзино целосно транспонирање во македонското законодавство.

Врз основа на исказите од сведоците, како и дополнително добиените информации, мислења и документи, Комисијата за култура едногласно ги усвои следните заклучоци, кои ќе бидат доставени до релевантните институции:

  1. Повеќегодишното несоодветно управување со Охридскиот Регион, непочитувањето и/или честите промени и неусогласености во законската регулатива релевантна за Доброто, потоа, предложените големи инфраструктурни проекти (од кои ски центарот Галичица, патот А3 и туристичките крајбрежни зони се стопирани со одлука на Владата на Република Македонија од 13 февруари 2018 година) и делумно реализираните градежни проекти во рамки на Доброто, како и неприменувањето на последователните препораки во извештаите на УНЕСКО од 2010 година до денес, го загрозија природното и културното наследство во Охридскиот Регион заштитен од УНЕСКО.
  2. Иако во 2010 година Собранието го донесе Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, истиот не се имплементирал во практиката. Надлежните институции на централно и локално ниво не постапувале согласно со Законот. Не била формирана Комисија за управување со Охридскиот Регион; Планот за управување со Охридскиот Регион започнал да се изработува во 2015 година, и како нацрт-план е во финална фаза, но истиот не бил официјално усвоен; не била изготвена Стратегиска оценка за влијанието врз животната средина; не биле донесени Деталните урбанистички планови за 19-те урбани комплекси во Старото градско јадро на Охрид и урбанистичко- планска документација за крајбрежјето; не бил изготвен инвентар на нелегални градби во рамки на Доброто; не била направена ревалоризација на листата на природно и културно наследство во рамки на Доброто; не билe утврдени границите на Доброто итн. Поради тоа, во Извештајот на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017 година) се наведува дека, доколку државата до крајот на 2019 година не ги исполни препораките на Комитетот на УНЕСКО, Охридскиот Регион може да биде ставен на Листата на светско природно и културно наследство во опасност.
  3. Загрижени за состојбите во заштитеното подрачје, на иницијатива на невладините организации Фронт 21/42 и НДИ Македонија, во февруари 2017 година, во Собранието на Република Македонија се формираше неформална група, Пратеници – пријатели на Охридскиот Регион, која, имајќи ја предвид претходната иницијатива за надзорна расправа на парламентарната опозиција во 2016 година, се заложи во Собранието да се отвори надзорна расправа за Охридскиот Регион. Комисијата за култура на 13-та седница одржана на 4 мај 2018 година, едногласно донесе одлука да се организира надзорна расправа на тема: Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и сродната законска регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО.
  4. Се укажува на Владата на Република Македонија да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017), со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион, сè до донесување на потребните планови (План за управување со Доброто, граници на Доброто, инвентар на природното и културното наследство, подобрување на релевантните законски одредби и друго).
  5. На Собранието на Република Македонија и на Владата на Република Македонија им се укажува на потребата од донесување на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
  6. Се укажува на потребата да се направи ревизија и усогласување на сите постоечки закони коишто го засегаат управувањето со Охридскиот Регион преку транспонирање на Конвенцијата на УНЕСКО од 1972 година за заштита на природно и културно наследство во домашната регулатива.
  7. Се укажува на сите надлежни институции при изготвување на закони, стратегии, планови и други документи за Охридскиот Регион, задолжително да биде земено предвид стручното мислење на установите коишто се грижат за природното и културното наследство.
  8. Комисијата за култура ќе иницира формирање работна група составена од по двајца пратеници од следните комисии: Комисија за култура, Комисија за транспорт, врски и екологија, Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Комисија за економски прашања и Комисија за локална самоуправа. Оваа работна група не само што ќе иницира, туку и, преку континуирана комуникација со надлежните институции, редовно ќе ги следи предлог-промените во законската регулатива, со цел да се постигне комплементарност и усогласување на која било измена на постоечките закони што се однесуваат на Охридскиот Регион. Оваа работна група по потреба ќе реферира пред членовите на Комисијата за култура.
  9. Се укажува на Министерот за култура, како претседател на националната Комисија на УНЕСКО, еднаш месечно да реферира на седница на Комисијата за култура во Собранието на Република Македонија за работата на надлежните институции во спроведувањето на Акцискиот план на Владата на Република Македонија за постапување по Одлуката која се однесува на состојбите со природното и културното наследство на Охридскиот Регион донесена на 41-та седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Краков, Полска, 2017 година.10. Се укажува на Претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот Регион еднаш месечно да реферира пред Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија за нејзината работа, активности и проблеми во врска со управувањето со Охридскиот Регион.
  10. На Владата на Република Македонија ѝ се укажува на потребата од прецизирање на надлежностите на сите институции кои имаат ингеренции во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, како и на потребата да задолжи едно министерство кое би било надлежно за координирање на нивните активности.
  11. На Владата на Република Македонија и на Собранието им се укажува да иницираат измени на сите закони кои овозможуваат градење во границите на Доброто без одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски.
  12. Се препорачува на општина Охрид да ги изработи Деталните урбанистички планови за 19-те урбани комплекси кои се дел од споменичната целина во Старото градско јадро на Охрид, а на Владата на Република Македонија ѝ се укажува, во соработка со општината, да обезбеди финансиска и експертска поддршка за реализација на истите.
  13. Се препорачува на општините Охрид, Струга и Дебарца да постапуваат согласно 19-те препораки на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017 година), со посебен акцент на препораката број 6, како и по Акцискиот план на Владата на Република Македонија за постапување по Одлуката која се однесува на состојбите со природното и културното наследство на Охридскиот Регион донесена на 41-та седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Краков, Полска, 2017 година.
  14. Во интерес на заштитата на универзалното Добро, се укажува Владата на Република Македонија во најкус можен рок да обезбеди ефикасно функционирање на колекторскиот систем во Охридското езеро; затворање на сите диви депонии во Охридскиот Регион и изградба на современа санитарна регионална депонија.
  15. На Министерството за транспорт му се укажува на потребата од интервенција во членот 59-ѕ од Законот за градење, бидејќи истиот е во колизија со Законот за просторно и урбанистичко планирање кој треба да е основ за изработка на урбанистичко планска документација.
  16. Се укажува дека е потребна итна промена во одредбите од Законот за градење и Законот за заштита на културно наследство кои дозволуваат интервенции врз недвижното културно наследство да вршат приватни градежни фирми коишто не се стручни во областа на заштитата на културното наследство. Сите стручни интервенции за конзервација и реставрација на недвижното културното наследство да бидат исклучиво во надлежност на установите коишто државата ги формирала за таа намена.
  17. На Владата на Република Македонија ѝ се укажува да изврши целосна ревизија на проектот Возобнова на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник (Имарет), вклучително да направи дополнителна консултација со УНЕСКО во врска со моменталната состојба на теренот.
  18. На националниот парк Галичица, но и на останатите национални паркови, им се препорачува да го преиспитаат начинот на сопственото финансирање и, воедно, се поттикнуваат да бараат алтернативни начини на самофинансирање, покрај сечењето на шумите како главен извор на приход. 20. Се препорачува на општина Охрид да го заштити Студенчишкото Блато, во обем и граници предвидени во Интегрираната Студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато и преземање мерки за негова ревитализација (Скопје 2012 година).
  19. Државниот инспекторат за животна средина се препорачува да го зголеми бројот на инспекторите надлежни за Охридскиот Регион како и бројот на инспекциски надзори во Охридскиот Регион, а извештаите, на квартална основа, задолжително да ги доставува до Комисијата за култура.
  20. Се укажува на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Хидробиолошкиот институт, риболовните друштва и други засегнати страни да изврши ревизија на Одлуката за управување со рибниот фонд во Охридското езеро со цел да се преиспитаат основите за концесионерство.
  21. На Владата на Република Македонија ѝ се укажува да донесе стратегија за развој на одржлив туризам, кој се грижи за заштита на природното и културното наследство, наместо развивање на масовен туризам.
  22. Се укажува на Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство да постапат по препораките на Агенцијата за катастар на недвижности во однос на измените во Законот за заштита на културното наследство, преку дефинирање на просторни податоци – координати на гранични детални точки во државен референтен координатен систем и државна картографска проекција на сите локалитети прогласени за заштитено подрачје, односно културно наследство.

М.В