/ Прочитано:

1.419

Потребни се реформи за сите деца да имаат право на еднакви можности за учење

Стигма, дискриминација, сегрегација, изолираност од семејството и од другите деца, непристапност до образованието и до образовните објекти се само дел од проблемите со кои се соочуваат децата со попреченост во Македонија. Потребни се реформи, модификации во содржината, во методите на подучување, структури и стратегии во образованието со цел да се надминат бариерите за да им се обезбедат на сите деца од сите возрасти еднакви можности за учество во учењето и околина која одговара на нивните барања.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната дебата во организација на МОН и УНИЦЕФ, на тема „Кон инклузивно образование – насоки за реформи“, што се одржа во Владата на РМ.

„Нашите сограѓани кои имаат извесни попречености во психофизичкиот развој  не се и не треба да се третираат поразлично од другите. Тие поседуваат и континуирано ги надградуваат личните способности, но можат да стекнуваат и нови, со кои придонесуваат за општествениот економско-социјален напредок. Во одредени сегменти или конкретни ситуации дури и повеќе од некои други“, рече министерот за образование и наука Арбр Адеми.

Постојниот систем го оцени како добар, но со можност да се унапредува и да се подобрува. Потсети дека овие деца добиваат стипендии, ослободени се од партиципација за сместување во ученички и студентски домови. Се набавува, рече, асистивна технологија, се зајакнуваат стручните служби – психолози, педагози и дефектолози, а обезбедени се и лични асистенти.

Најави и дека се планираат измени на Законот за основното образование, кој, како што појасни, предвидува на ниво на паралелка  во редовно основно училиште да се запишат до двајца ученици, специјалните училишта да добијат дополнителна дејност да станат ресурсни центри со можност за мобилност на веќе постојниот искусен кадар.

Процените на УНИЦЕФ покажуваат дека во Европа и во Централна Азија има 5,1 милиони лица со попреченост и само 1,6 милиони се регистрирани. Специјални училишта посетуваат 14,5 проценти од регистрираните 1,6 милиони. Во половина од земјите помалку од еден процент посетуваат редовни основни училишта, а особено се исклучени девојчиња со попречености.

„Високите нивоа на стигма и дискриминација резултираат во масовна институционализација, сегрегирано образование, специјални паралелки, или пак изолираност во семејство. Доминира и медицинскиот модел, дефектологија“, рече Нора Шабани, специјалист за образование од УНИЦЕФ.

 

Таа потенцираше и дека инклузивното образование не е сместување во редовни паралелки без промени во организацијата, наставните програми, стратегиите за подучување. Интеграцијата не гарантира автоматски премин од сегрегација кон инклузија. Инклузивно образование не е компатибилно со состојбата на одржување на два паралелни системи редовно и специјално/сегрегирано.

Елспет Ериксон, заменик претставник на УНИЦЕФ, вели дека и натаму е потребно подигнување на јавната свест, иако, како што рече, постигнат е напредок. Претходно, само четири отсто од родителите, рече, сметале дека деца со попречености треба да учат заедно со нивните деца, а сега тој процент е шестпати зголемен и 24 отсто од нив имаат позитивен став за ова прашање.