/ Прочитано:

3.223

Потребно е да се намали бројот на потписи за иницирање референдум  и да се зголеми рокот за нивно собирање

Денеска на Правниот  факултет „Јустинијан Први“ Скопје беше промовирана студијата „Како до поттикнување на непосредно учество на граѓаните за прашања од локален  интерес?“, објавена на македонски и албански јазик од страна на  Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ.

На денешниот настан говореа проф. д-р Мишо Докмановиќ, доц. д-р Катерина Шапкова-Коцевска и проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска.

Студијата „Како до поттикнување на непосредно учество на граѓаните за прашања од локален интерес?“ е фокусирана на подобрување на можностите за организирање референдум на локално ниво и содржи препораки за подобрување на  законската рамка што го регулира ова прашање.

Во таа насока, во контекст на прашањето за кое може да се распише  референдум, според ИСИЕ, неопходно е изворните надлежности на општините  да се наведат таксативно со цел граѓаните навремено да бидат  информирани, а не да се доведуваат во ситуација, по спроведен референдум, предизвикани трошоци и експлицитно демонстрирана волја на граѓаните, Уставниот суд да оцени дека за тоа прашање воопшто не требало да се  спроведува референдум на локално ниво.

Второ, во функција на олеснување на постапката за распишување на  референдум на локално ниво треба да се разгледаат можностите за:

а) ублажување на критериумите кои се однесуваат на бројот на потписи  потребни за иницирање на референдум (да се намали од 20% на 10%);

б) зголемување на рокот за собирање на потребните прописи, односно рокот да биде 30 дена наместо 15 дена;

в) прецизирање на датумот на одржување референдум од страна на советот на единицата на локалната самоуправа во законски определен рок од моментот кога се собрани потписите од страна на граѓаните;

г) да се прецизира дали одлука донесена на референдум може да се менува од страна на власта после 2 години и дали е потребно повторно спроведување на референдум.

Конечно, потребно е таксативно да се наведат прашања за кои може да се  одлучува на референдум, како и да се изготви подзаконски акт од страна на Државната изборна комисија, со кој на прецизен начин ќе се уреди и  ќе се доразработи членот 12 од Законот за референдум и други облици на  непосредно изјаснување на граѓаните (поконкретно, под кои услови и на  кој начин ќе се води јавната пропаганда за референдумот, таксативно да се наведат овластените предлагачи кои можат да водат јавна пропаганда и на кој начин ќе ги обезбедат средствата за трошоците од пропагандата).

Студијата ја утврди потребата за усогласување на Законот за референдум и  други облици на непосредно изјаснување со Изборниот законик, особено во  делот на правната заштита на избирачкото право.

Оваа студија е објавена во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на граѓанските организации за остварување на правата на граѓаните за  референдум на локално ниво“, кој беше имплементиран  од страна на ИСИЕ во  периодот од март 2018 до февруари 2019 година. Овој проект е финансиран  од Европската Унија.

M.В