/ Прочитано:

2.771

„Повардарие“ е избришана од Регистарот на производители на вино

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство наведува дека врз основа на доставените извештаи од винарските визби и од Записникот за извршен инспекциски надзор на Државниот инспекторат за земјоделство е утврдено дека „Повардарие“ АД Неготино до 15 февруари оваа година ја нема подмирено во целост втората рата за исплата на грозјето од минатогодишната реколта, поради што оваа винарска визба е избришана од Регистарот на производители на вино.

Винарската визба „Повардарие“ АД Неготино е избришана од Регистарот на производители на вино од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) поради неисполнување на обврските од Законот за виното, односно неисплатената рата за откупеното грозје.

Имено, исплатата на винското грозје е регулирана во член 16-б во Законот за виното, па во оваа насока, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, винарската визба „Повардарие“ АД Неготино не ја испочитувала оваа одредба:

„Откупувачот на производителот на грозје може износот за откупеното винско грозје да му го исплати во целост во рок од седум дена од денот на приемот, односно предавањето на винското грозје на откупувачот или исплатата на износот за откупеното винско грозје да ја изврши на три рати од кои првата рата во висина од најмалку 20% најдоцна до 15 декември во годината кога е извршен откупот, втората рата во висина од најмалку 40% најдоцна до 15 февруари следната година од годината кога е извршен откупот и третата рата најдоцна до 30 април следната година од годината кога е извршен откупот.“

Министерството наведува дека врз основа на доставените извештаи од винарските визби и од Записникот за извршен инспекциски надзор на Државниот инспекторат за земјоделство е утврдено дека „Повардарие“ АД Неготино до 15 февруари оваа година ја нема подмирено во целост втората рата за исплата на грозјето од минатогодишната реколта.

Доколку се исплатат обврските и доколку производителот на вино побара повторно да биде впишан во Регистарот на производители, ќе треба да плати казна во висина од 10 отсто од неисплатениот долг и казнена камата кон лозарите за неисплатената рата, што според Минстерството е регулирано во член 30-д од Законот за виното.

„Производителот на вино кој бил избришан од Регистарот од член 30 од овој закон, во текот на истата или наредната календарска година, може повторно да биде запишан во Регистарот на производители на вино доколку:
– ги исполнува условите од член 30 став (1) алинеи 1, 2, 3 и 4 од овој закон,
– плати надоместок за повторен упис на сметка на буџетот на Република Македонија во согласност со податоците од извештаите од член 30-а од овој закон во висина од:
1) 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје кои доспеале за исплата до 15 декември во годината кога е извршен откупот;
2) 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје кои доспеале за исплата до 15 февруари следната година од годината кога е извршен откупот;
3) 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје кои доспеале за исплата до 30 април следната година од годината кога е извршен откупот и
4) 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје кога исплатата се врши во целост согласно со член 16-б од овој закон.
– на лицата спрема кои има неисплатени финансиски обврски за купено винско грозје им исплатил казнена камата во согласност со Законот за облигациони односи за периодот од истекот на рокот за доставување на извештаите од член 30-а од овој закон, па сѐ до целосната исплата на доспеаната обврска.

(2) Потребната документација за докажување на исполнетоста на условите од став (1) алинеи 2 и 3 на овој член ја пропишува министерот.

„’Повардарие’ во моментов може да го продава виното, но финансиските средства остварени од продажбата на извезеното вино мора да ги употреби првенствено за исплата на долговите кон лозарите“, појаснува Министерството за земјоделство.

А. Б.