/ Прочитано:

1.048

Повик до уставните судии да одлучат по спорните ДУП за Карпош

Коалицијaта „О2“ објавува јавен повик до уставните судии  да одлучат по поднесените граѓански иницијативи во врска со ДУП З 06, З 04, З 05 и СЗ 19 во Општина Карпош и да го заштитат уставното начело на владеење на правото.

„Овие претставки се израз на повеќегодишни заложби на жителите во оваа скопска општина да стават крај на непланираното уредување и дехуманизација на просторот, уништување и деградирање на животната средина и на природата, сите нарушени и загрозени уставни темелни вредности и права.

Во писмото од 30 март, од претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, побаравме да ги утврди причините за непостапување по предметите примени од Уставниот суд на 6.9.2017 и 18.10.2017 и да побара брзо одлучување по нив, имајќи го предвид следното:

– Сите 4 иницијативи се повикуваат на еден ист податок, односно на фактот дека Општина Карпош не ја објавила Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина на својата официјална веб-страница, со што е повредена постапката за донесување на ДУП;

– Од Општина Карпош пред повеќе месеци испратени се одговори до Уставниот суд, каде што потврдуваат дека Одлуката не била објавена на нивната веб-страница и со тоа постапката на носење на ДУП е повредена;

– Пролонгирањето на одлуките по овие предмети носи тешко отстранливи последици, за што е побарано од Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука;

– Со оглед на бројот на судии, бројот на предмети и на времето кога се доставени овие 4 предмети до Уставниот суд, едноставноста на утврдување на повреда на постапката, а со тоа и повреда на уставното начело на владеење на правото, секое одлагање на постапување по овие предмети е неоправдано“, се вели во соопштението.

„Поразително за нас, како граѓани на оваа држава и жители на урбанистички загрозената општина, е што Уставниот суд, кој треба да го штити начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сѐ уште не носи решение за поведување на постапка по предметите за ДУП З 04, З 05 и СЗ 19. Истовремено, предметот за ДУП З 06 не е вратен за одлучување по неговото тргање од дневен ред од седницата на 31.1.2018. Следната седница на Уставниот суд е закажана за 18.4.2018 и ниту еден од предметите не е на дневен ред“, се додава во соопштението.

М.В