/ Прочитано:

8.547

Поздравен говор и порака до студентите на проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први “

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ денеска започнува наставата, која, како што информираат од факултетот, ќе започне и ќе се одвива според распоредот на часови за групите.  На  првиот академски час на УКИМ кој се одржа на најстариот правен факултет во земјава, деканот на „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски, во својот поздравен говор и порака до студентите истакна дека студентите треба да го добијат она што неопходно им треба како на идни професионалци, а не само она што го сакаат или што сметаат дека еднострано треба да го добијат.

Поздравниот говор по повод првиот академски час на деканот проф. д-р Горан Коевски го пренесуваме интегрално:

Почитуван ректор проф. д-р Никола Јанкуловски,

Почитувани проректори,

Почитувани колеги, професори и соработници,

Почитувани гости!

Ми претставува особена чест да ги поздравам овие млади луѓе – околу 450 бруцоши – студенти на правните, политичките и студиите по новинарство и односи со јавност на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Но, би сакал да поздравам и дел од идните бруцоши на Правниот факултет – ученици матуранти на правната насока од Средното економско-правно училиште „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, кои се овде присутни со нивниот директор, г. Канурков.

Сите вие ќе се придружите на околу 3000 активни студенти на сите студиски програми (правните, политичките, студиите по новинарство и односи со јавност) и на сите циклуси (додипломски, мастер и докторски студии) на Правниот факултет, но истовремено и на 80-ина врвни професори и соработници, како и 20-ина професионалци од административно-стручните служби со кои секојдневно ќе се среќавате и ќе ги споделувате вашите убави моменти, но и ќе ги решавате сите непознатици кои неизбежно ќе бидат дел од вашиот студентскиот живот.

Како и секој септември, така и овој симболизира свеж, нов почеток на неограничени можности за сите вас. Како што се вели, „само небото е лимит“!

Но, не е сè розово?

Како и сите други универзитети и факултети, и ние се соочуваме и со надворешни и со внатрешни предизвици.

Екстерни предизвици

Високото образование генерално се соочува со брзи и драматични предизвици како на национално, така и на глобално ниво. Многу е актуелна проблематиката како нашето високо образование да го направиме квалитетно, компетитивно, компарабилно, мобилно, европско.

Од друга страна, високото образование континуирано се соочува со намалување на расположливите средства за научноистражувачка дејност (во 1990 година се издвојувало 5,9% од БДП за образование и наука, додека во 2016 година тој процент бил 3,98. Минатата година за наука се издвоени скромни 0,11% од БДП). Од друга страна, директните и индиректните трошоци за студирање постојано растат.

Следна голема дилема е дали болоњскиот систем е соодветен за многу научни дисциплини и регулирани професии, вклучително и правната.

Свесни сме дека нема Нобелова награда за правни науки???!!!

Свесни сме дека со само еден потпис на законодавецот може да се урне цел систем на правни вредности граден со векови.

Свесни сме дека правото како наука првенствено е национално ориентирано и дека истражувањата во правните науки, во најголем дел, се одвиваат на националниот македонски јазик и се најчесто од нормативен карактер.

Но, тоа не нè ослободува од обврската да не знаеме странски јазици и да го интернационализираме курикулумот на правните и на другите студии на Правниот факултет (потребата правото да го усогласиме со правото на ЕУ, како пример). Како поинаку ќе станеме препознатливи и мобилни во европската област на високото образование – Еuropean higher education area (ЕHEA)?

Свесни сме дека треба активно да се приклучуваме на разни правни дебати на глобално ниво (преку социјалните мрежи како „Фејсбук“, „Твитер“ и слично).

Свесни сме дека традиционалните правни усуги треба да се приспособат кон потребите на новите клиенти, што неопходно бара нови, мултиплицирани вештини и компетенции.

Оттука, свесни сме за потребата од мултидисциплинарност, односно дека покрај правото на студентите треба да им понудиме познавања и од социологијата, економијата, политикологијата, филозофијата, литературата (нови дисциплини се правото во литературата и самото право како литература).

Пазарот на труд за правници, политиколози, новинари радикално се менува во последнaтa децениja, многу повеќе отколку во последниoт век, што придонесува да сме постојано свесни и отворени дека треба да ги осовременуваме нашите студиски програми.

Отворени сме и за дебата во поглед на тоа дали на студентите на Правниот факултет да им дадеме само теоретско знаење и да оставиме по дипломирањето на самото работно место да стекнат практични искуства.

Со други зборови, колку правото или новинарството се само „занаети“, а колку научни дисциплини? Кој е најдобриот баланс помеѓу овие спротивставени ставови?

Интерни предизвици

Како најквалитетно да се искористи активното време во амфитеатрите и во предавалните?

Како да ве задржиме вас студентите што подолго да останувате во оваа зграда и околината, било да се работи за наставни или воннаставни активности?

Како да иновираме нови алатки за предавања и учење било во живо или он-лајн, со цел што поуспешно да ви ги пренесуваме нашите знаења и искуства?

Студенти како партнери

Следна дилема во глобални рамки е дали високото образование се корпоратизира и дали воопшто треба да се корпоратизира?

Дали студентите се клиенти и потрошувачи кои треба да имаат посебна заштита како корисници на услугите од нас професорите како даватели на услуги во високото образование?

Сметаме дека високото образование не смее да се гледа како потрошувачко добро!!!

Студентите треба да го добијат она што неопходно им треба како на идни професионалци, а не само она што го сакаат или сметаат дека еднострано треба да го добијат.

Образованието не е чисто реципрочна активност и договорен однос. Дипломата не треба да биде гарантирана. Таа бара посветеност како на страната на студентите, така и на страната на професорите.

Но, ние на Универзитетот и на Правниот факултет на вас студентите гледаме како на рамноправни партнери во процесот на високото образование.

Вие како студенти активно сте вклучени во сите формални и неформални облици на самоевалуација на квалитетот што ние професорите ви го нудиме како даватели на јавни услуги во високообразовните установи. Со тоа вие станувате наш коректив како да се подобриме во својата работа.

Ние професорите сме тука за да ги прошириме границите на вашите знаења.

Но, и ние учиме од вас, со оглед дека вие сте предвесници на новото време. Многу често се случува вие како повешти од нас во користењето на информатичките технологии, пред нас да станете свесни за одредени нови настани. Ниту вие треба да се плашите да ни укажете, ниту пак ние, како професори, треба да се срамиме дека не сме нашле доволно време континуирано да следиме што сè е ново во дисциплините што ги предаваме. Односот е недвосмислено двостран.

Што нудиме како правен факултет?

Без лажна скромност, можеме да кажеме дека Правниот факултет „Јустинијан Први“, како најстар и најдобар правен факултет во Република Македонија, е факултет на можности за сите студенти. Не случајно нашето мото е: „Јустинијан Први, секогаш први!!!“

Колку за пример:

  • денес сме горди да го промовираме нашиот Центар за кариера;
  • како нов деканат, склучивме над 30 нови меморандуми за практикантство со разни институции каде што студентите ќе можат да извршуваат практична настава за време на студирањето;
  • имаме активни правни клиники за давање бесплатна правна помош на социјално загрозени ранливи групи;
  • ја осовременуваме библиотеката со можност за пребарување во повеќе електронски бази на книги и списанија;
  • одржуваме контакти и соработка со наши поранешни студенти – алумни од кои дел денес ќе ви се обратат;
  • обезбедуваме стипендии за најдобри студенти од наши алумни и правиме напори да обезбедиме уште повеќе;
  • нудиме можност за доброволен ангажман на студенти за вршење на административни работи, со цел студентите таквиот ангажман да го прикажуваат во своите биографии дека биле општествено одговорни за време на студирањето;
  • на факултетот се активни разни форми на студентско организирање и самоорганизирање: Европското здружение на студенти по право – ELSA; подружницата на Европскиот студентски форум – „Аegge“; Клубот на оратори на Правниот факултет; Македонскиот политиколошки форум и други;
  • можеби кај нас на факултетот повеќе се учи и потешко се дипломира, но пазарот на труд не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко ја препознава и признава вредноста на дипломите што ги издаваме;
  • нудиме можност за објавување на стручни и научни написи во електронското издание на „Justinianus Primus Students Law Review“ и слично…

Што понатаму?

Не е тајна дека правните факултети се соочуваат со тешки времиња (постојан пад во бројката на запишани студенти, потешко вработување по дипломирањето и слично).

Но, никако не смееме и не сакаме да ги игнорираме новите ветришта на промените.

Како деканат знаеме што сакаме, што можеме да постигнеме во моментов и што треба да направиме на краток и среден рок.

Предизвиците не нè обесхрабруваат.

Напротив! Постојано сме во потрага по соодветни решенија за идентификување на алтернативни решенија за остварување на зацртаните приоритети. Нема нерешливи проблеми!!!

Иако се чини дека во последните години е изгубена довербата во правниот систем, наша ултимативна цел е враќање на довербата во правната држава. Точно е дека правото е инструмент на политиката, но тоа треба да биде ослободено од дневнополитички интервенции. Правото првенствено треба да овозможи непречено остварување на правата на граѓаните и тие целосно да ги уживаат своите права и слободи.

Реформите се предизвик за сите. Како правен факултет цврсто сме решени и ангажирани да го следиме императивот да не се плашиме од промени и да бидеме активен, научно-критички и конструктивен дел од нив.

Би сакал да истакнам во име на сите вработени на Правниот факултет „Јустинијан први“ и во свое лично име дека ни претставува привилегија заедно со вас студентите да се здружиме во решавање на сите предизвици кои се пред нас и заеднички да го вратиме Правниот факултет на „старите добри патеки“.

Ќе повторам: „Јустинијан први, секогаш први!!!“

Ви благодарам на вниманието!!!

(ФОТО) ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“: Студентите се движечка и креативна сила на земјата!

M.В