/ Прочитано:

1.076

Прашањата за мерката притвор и пресудите на ЕСЧП – дел од заклучоците на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република  Македонија усвои повеќе заклучоци кои се однесуваат на човековите права, кривичното законодавство, казнено-поправниот систем и правосудството.

Со мнозинство гласови, информираат од Собранието на РМ,  Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот ги усвои  следните заклучоци:

Го поздравува објавувањето на Извештајот на Европската комисија за остварениот напредок на земјата за 2018 година и ја поздравува чистата  препорака за почеток на пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија;

Да се следат случаи на злосторства од омраза и говор на омраза и институциите да постапуваат соодветно на ингеренциите, да се зајакнат телата кои се вклучени во заштитата и унапредувањето на човековите права и да бидат ефикасно истражени претходните напади врз маргинализираните групи;

Да се отстранат слабостите во спроведувањето на стандардите за човековите права и политичките документи, пред сè, во однос на најранливите и маргинализирани групи во општеството, вклучувајќи ги лицата со попреченост и Ромите;

Да продолжи реформата на јавниот радиодифузен сервис и да се преземат мерки за поттикнување на развојот на средина за медиуми со промовирање на објективно и точно известување;

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија да одржи јавна расправа во врска со пресудите на Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права;

Да се преземат итни мерки за да се поправат нечовечките услови што постојат во голем број казнено-поправни установи, полициски станици, установи за социјална заштита и психијатриски установи и Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија да организира теренски посети во споменатите институции;

Ѝ се препорачува на Владата на Република Македонија да се обезбедат соодветни буџетски средства за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација за 2016 – 2020 година;

Владата да преземе активни мерки за унапредување на правата на етничките заедници под 20%, особено во делот на правичната застапеност во јавната администрација и во образованието, и правата на сите етнички заедници во Република Македонија;

Да се решат постојните недостатоци во работата на Комисијата за заштита од дискриминација, вклучувајќи ја и нејзината непристрасност и независност, професионализација на оваа комисија и да се пристапи кон системско собирање податоци за говор на омраза;

Да се посвети повеќе внимание на спроведувањето на Стратегијата за вклучување на Ромите (2014 – 2020 година) и соодветните акциски планови за образование, вработување, здравство, домување и жени Ромки;

Да се следи Стратегијата на реформа во правосудниот систем, односно да се донесат соодветни закони за ефикасно работење на органите во правосудството, кои би ги опфатиле и Судскиот совет и Советот на обвинители, како и реорганизирање на Академијата за судии и јавни обвинители. Истовремено, да се направат планови за квалитетно едуцирање на судии и конзистентна пракса за примена на образложение во одлуките;

Да се донесе новиот Закон за заштита и спречување од дискриминација;

Покрај постојните принудни инструменти за реализација на човековите права да се ангажираат сите потенцијали на општеството за генерална промена на менталитетот и сфаќањето на човековите права, да се пристапи кон едукација на сите аспекти во општеството, да се подигне свеста за почитување на човековите права, при што главна улога имаат институциите;

Кога ќе се разгледува продолжувањето на кризната состојба, во однос на јужната и северната граница во делот на миграциите, да се отвори поширока дискусија и да се разгледа Стратегијата за интеграција на бегалци и странци, улогата на странските полициски службеници на територијата на Македонија и преговорите со ФРОНТЕКС;

Во Кривичниот закон и во Законот за кривичната постапка да се допрецизира мерката притвор, односно да се доуредат и да се прецизираат условите за изрекување на истата и во таа насока да се обезбеди еден вид гаранција и заштита на правата на граѓаните во ваква состојба и со ваков статус. Мерките притвор и затвор да се поимаат како различни нешта, да се почитуваат и да се имплементираат од државните институции;

Со содржината на овие заклучоци да се запознаат Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања и да бидат објавени на веб-страницата на Собранието на Република Македонија.

М.В