/ Прочитано:

1.229

Пратеници бараат оставка, претседателот на Антикорупциска не чувствува никаква одговорност

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Игор Тантуровски, вели дека не чувствува никаква одговорност бидејќи на никаков начин не е посочен во ревизорските извештаи и од тие причини нема намера да поднесе оставка на функцијата. Смета дека случајот е инструиран. Ревизорскиот извештај, потенцира Тантуровски, бил за внатрешна употреба, со препораки како да се надминат утврдените недостатоци, а неговото вадење во јавноста има за цел само да се дискредитираат членовите и Комисијата како институција.

„Тоа што беше пренесено од еден медиум е парафразирање на она што вистински го пишува во документот. Влезено е во детали што апсолутно немаат врска со конзистентноста на целиот документ. Извадени се само сегменти“, вели Тантуровски, кој присуствуваше на денешната средба со Комисијата за политички систем во Собранието. Тантуровски не гледа начин како и врз основа на што може да ги разреши Собранието членовите на ДКСК. Тоа, посочува, е јасно наведено во Законот за спречување на корупцијата.

„Слушнав изјава на потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, дека ќе поведат некаква постапка. Јас, искрено, не знам која би била таа постапка и како ќе го направат тоа, вели Тантуровски, додавајќи дека на одреден начин чувствува дека ова е политички реваншизам за она што како институција го презеле во изминатиот период.

Пратениците од СДСМ и од ДУИ вчера побараа од членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да си поднесат неотповиклива оставка поради констатираните злоупотреби во ревизорскиот извештај, а доколку не го направат тоа, најавија дека ќе поведат собраниска постапка за нивно отповикување.