/ Прочитано:

1.453

Пратениците ќе расправаат за законските измени за платите на вицепремиерите

Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија е на дневен ред на денешната собраниска седница.

Неколку дена пред почетокот на новата година, како што претходно објави Академик, Владата на РМ во Собранието на РМ поднесе измени  на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, односно на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, како што е точниот назив на прописот.

Пред Уставниот суд на Република Македонија беше поведена постапка за оценување на уставноста на членот 14 на овој закон, во делот на „потпретседател на Владата“, при што Уставниот суд го укина тој дел од членот 14. Според „Левица“, како подносител на иницијативата, Уставот на Република Македонија во делот III. Организација на државната власт, во точката 3. Влада на Република Македонија, воопшто не предвидувал државна функција потпретседател на Владата.

„Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се определува коефициент за плата на потпретседател на Владата, што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, па произлегува дека овој дел од Законот е неприменлив, поради што Судот оцени дека основано се поставува прашањето дали ваквата законска регулатива е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, се наведува во одлуката на Уставниот суд.

Во образложението на измените на Законот се вели дека со членот 16 од Законот за Владата на Република Македонија е предвидено дека претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици, кои го заменуваат во негово отсуство, а покрај тоа претседателот на Владата може да им довери вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

„Со укинување на членот 14 во делот ‘потпретседател на Владата’, што е во суштина само терминолошка неусогласеност на Законот за  плата  и другите  надоместоци  на  избраните и именуваните лица во Република Македонија со Законот за Владата на Република Македонија, не се дава можност за утврдување на плата на замениците  на претседателот на Владата на РМ“, се наведува во законското образложение.

„Со измените на Законот, коефициентот за утврдување  на платата  на заменик на претседателот на Владата на Република Македонија ќе се пресметува со коефициент 4,00, наместо 3,70 кој коефициент е утврден за пресметка на платата на член на Владата. Согласно ова, разликата во плата ќе изнесува 8.027 денари месечно во бруто износ, или за 5 заменици на претседателот за 12 месеци 481.620 денари“, се додава во образложението.

Законските измени за платите на вицепремиерите на собраниска комисија

Предложени законски измени за платата на заменик-претседателот на Владата

Одлуката на Уставниот суд  во врска со платата за непостоечката јавна функција – потпретседател на Влада

На Иницијатива на „Левица“, Уставниот суд поведе постапка за одредба со која се уредува плата за непостоечка јавна функција – потпретседател на Влада

М.В