/ Прочитано:

1.359

Правата и обврските на студентот во Предлог-законот за високото образование кој е во собраниска процедура

Во врска со правата и обврските на студентот во Предлог-законот за високото образование, се пропишува дека статусот на студент, а со тоа и член на академската заедница, се стекнува со запишувањето на прв, втор и трет циклус на студии на универзитет, односно на самостојната висока стручна школа. Статусот на студент се докажува со студентска легитимација или со индекс.

Студентот, се пропишува во Предлог-законот за високото образование, има право на:

  1. квалитетни студии и образовен процес како што е предвидено со студиските програми,
  2. слободно искажување на мислење и ставови во текот на наставата и другите активности на високообразовната установа,
  3. право на изјаснување за квалитетот (оценување) на наставата и наставниците,
  4. редовно студирање и статус на редовен студент и право на вонредно студирање и статус на вонреден студент,
  5. редовно да напредува, да се образува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот,
  6. запишување и образование под еднакви услови утврдени со закон, статут и студиска програма,
  7. учество во управувањето со високообразовната установа во согласност со овој закон и статутот на високообразовната установа,
  8. заштита на своите права и должности пред органите на високообразовната установа и
  9. заштита на личноста на студентот од злоупотреба и на неговото достоинство.

Исто така,  студентот има право и да:

  1. студира истовремено на повеќе студиски програми од различни специјалности и да изучува дополнителни курсеви,
  2. да ги продолжи студиите на друга високообразовна установа ако високообразовната установа на која е запишан престане со работа,
  3. да ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа,
  4. да учествува во научно-истражувачката, уметничката и стручната дејност при што му се гарантираат авторски, пронаоѓачки и слични права и награди,
  5. да избира и да биде избиран како претставник на студентите во органите на високообразовните установи,
  6. да користи услуги на студентскиот стандард (сместување, исхрана, здравствена заштита и друго), градски и меѓуградски превоз според условите утврдени со закон од вршителите на соодветните дејности,
  7. да ги користи универзитетските објекти за спортска и културна дејност,
  8. да преминува од една на друга високообразовна установа, односно од едни на други студии и при тоа да ги користи погодностите на кредит системот,
  9. да учествува на работата на студентските организации,
  10. да учествува во формите на организирање на студентските организации утврдени со статутот на универзитетот,
  11. да ги продолжи студиите што ги прекинал под услови определени со статутот на високообразовната установа,
  12. да користи распуст не помалку од 60 дена во рамките на една календарска година,
  13. да добива државни или други стипендии или да користи финансиски кредит за издршка за време на школувањето,
  14. да остварува соработка со студентите во земјата и во странство и
  15. да остварува и други права во согласност со закон и со статутот на високообразовната установа.

Покрај овие права, како што се пропишува во Предлог-законот, студентот има обврска да:

  1. ги исполнува задачите пропишани во студиските програми,
  2. да ги почитува одредбите од овој закон, статутот на високообразовната установа и другите правни акти на внатрешното уредување,
  3. да се придржува кон решенијата и одлуките на органите на самостојната високообразовна установа и на нејзината единица,
  4. да ги почитува авторските права на авторите на учебниците, монографиите и учебните помагала и
  5. да дејствува во согласност со студентскиот етички кодекс кој го подготвува и го одобрува високообразовната установа во согласност со студентското претставување.

Студентите на сите степени на високо образование кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните имаат право на посебни погодности утврдени со статутот на високообразовната установа. Владата на Република Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

М.В