/ Прочитано:

6.372

Правата на децата со посебни потреби и на децата од разведени родители што побргу да бидат опфатени со измени на Законот за семејството

„Иницијативата за заедничко родителство по развод“ и „Иницијативата ‘5 до 12’“, со поддршка на Првата детска амбасада „Меѓаши“, денеска потпишаа Меморандум за соработка, чија цел е актуелизирање на нивните проблеми откако, како што велат од иницијативите, им било кажано дека решенија можат да очекуваат до 2019 година.

Заедничкото барање на овие две иницијативи е државата, секогаш кога може, да ги задржи еднаквите родителски права на родителите по развод, а кога едниот родител не сака да го користи правото да биде со децата, да не може да ги избегне обврските.

„Првпат политичка партија го стави заедничкото родителство во своја програма. Првпат имаме министер кој сака да го реши овој проблем. Сметавме дека решението ќе дојде брзо. Сепак, кон крајот на јули, кога имавме состанок со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, бевме известени дека иако Министерството сака бргу да најде решение, на него можеме да се надеваме во 2019 година затоа што има други реформи што треба да се направат“, истакна на денешниот настан Наум Рибароски од „Иницијативата за заедничко родителство“.

Рибароски најави дека како иницијатива секоја недела ќе претставуваат по еден загрижувачки случај, за да покажат дека  надлежните постапуваат спротивно на интересите на децата.

„Од оваа иницијатива ќе се актуализираат случаи на деца од разведени родители, кои сега се возрасни лица и кои ќе сведочат како овој систем негативно влијаел врз нивниот развој. Министерката има одлична практика секој петок да има средби со граѓаните. Ние планираме еднаш месечно по неколку случаи да ги изложуваме пред министерката и пред надлежните служби. Со надеж сме дека тие случаи навистина ќе се отворат, наместо да добиваме одговор дека центрите за социјална работа правилно постапиле оти ја следеле процедурата“, рече Рибароски.

„Тука сме да укажеме дека за нас и нашите деца е апсолутно неприфатливо да чекаме уште толку долго време. Проблемот се продлабочува со зголемување на бројот на разводи, гледаме дека нашата група се зголемува секојдневно, се повеќе деца се засегнати. Сеуште само еден родител после развод државата го смета одговорен за чување и воспитување на децата, сеуште решенијата за видување на ЦСР се истите како децении понапред, сеуште после повеќето разводи едниот родител се отсекува од децата, сеуште на многу родители не им е дозволено да ги носат своитед еца на одмор, да ги земат и носат во училиште/ градинка, сеуште секој може да ни ги гледа децата неограничено, само ние имаме ограничен пристап. Токму затоа имаме чувство дека немаме направено ништо посебно овие години, и покрај сиот вложен труд“, додаде Рибароски.

Сузана Стојановска од „Иницијативата 5 до 12“, на денешниот настан, истакна дека се потребни измени на Законот за семејството во насока на нормативна застапеност на децата со посебни потреби во оваа регулатива. „Ние како родители на овие деца  се соочуваме со многу тешкотии, особено пак  родителот, кој по развод треба да се грижи за своето дете со посебни потреби.“ Покрај промена на регулативата, Стојановска истакна и дека државата треба да им помогне финансиски на еднородителските семејства со деца со посебни потреби и воопшто на семејствата што имаат такви деца.

„Нашите деца се маргинализирани, а родителите се принудени да бидат социјални случаи. Овие деца можат да придонесат за општеството, само треба да им се даде шанса. Ние имаме барања за измени на неколку закони, вклучително и на Законот за семејството, со кој не се опфатени децата со посебни потреби. Родителите со деца со посебни потреби се соочуваат со голготи во здравствениот, образовниот и социјалниот систем. Овие деца бараат нега 24/7, 365 дена во годината и повлекуваат трошоци кои еднородителските семејства не можат да ги обезбедат“, нагласи Стојановска.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ги поддржува двете изворни граѓански иницијативи кои произлегуваат како потреба за решавање на потребите и проблемите, пред сè, за децата, и тоа Граѓанската иницијатива за изедначување на правата на лицата со посебни потреби „5 до 12“ Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство и по развод.

„Сo поддршка на овие две иницијативи, на многу деца им даваме надеж дека со спроведување на заедничкото и одговорно родителство, децата не ги губат МАМА и ТАТО како родители и дека и покрај тоа што ТАТО и МАМА не се заедно, еднакво и заеднички и понатаму ќе се грижат за нив. На детето секогаш му требаат 2 родители. Иако тие веќе не се партнери во брачна заедница и се развеле, тие како родители не се разведуваат. Иако е тешко со нарушени партнерски односи да се биде функционален родител и по развод, ова е возможно само ако родителите се фокусирани на своите деца и се трудат да постапат во согласност со нивните потреби и интереси“, истакнува Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Детето, нагласува Змијанац, никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Од особена важност за детето се поддршката и љубовта од двајцата родители. Тоа не треба да се отуѓува од родителот. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството.

„За детето е важно да знае дека двајцата родители донеле одлука за развод и дека тоа не е виновно за таа ситуација. Со оглед на тоа што оваа состојба носи доста прашања за детето, на децата треба на прифатлив начин за нивната возраст и зрелост да им се претстави ситуацијата, нивните потреби да се стават во преден план и секогаш да се посветува внимание на емоциите на децата. Согласноста за заедничко вршење на родителското право, со која родителите на детето се согласуваат дека родителските права и обврски ќе ги извршуваат заеднички и со меѓусебно договарање, меѓу другото, подразбира и утврдување на живеалиштето на детето затоа што во психолошка смисла за детето е особено важно да знае каде му е домот. Овој модел подразбира и зајакнување на квалитетната комуникација меѓу родителите, со цел да се намали и да се спречи трауматичното чувство кај децата поради разделбата на двајцата родители“, вели Змијанац.

Драги Змијанац истакнува дека надлежниот суд и стручниот тим на центрите за социјална работа, при оцената за доверување на детето на чување и воспитување, треба да тргнуваат од позицијата дека двајцата родители треба заедно и непосредно да го вршат родителското право, односно стартната позиција за можност за заедничко старателство да биде рамноправна и еднаква.

„Детската амбасада ‘Меѓаши’ се залага да се даде ваква можност кога центрите за социјална работа ќе оценат дека двајцата родители може да преземат еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и неговиот правилен раст и развој. На овој начин, двајцата родители ќе имаат исти права и обврски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување на одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот. Доколку при ваква стартна позиција стручните тимови на центрите за социјална работа, во согласност со однапред утврдени критериуми, утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото старателство треба да биде појдовна основа. Но даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стручните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски. Доколку при овој мониторинг се утврди дека еден од родителите не го врши квалитетно родителското право и доколку тоа не е во најдобар интерес на детето, центарот го задржува правото да предложи старателството да биде доделено на другиот родител, а првиот да одржува лични односи и непосредни контакти со детето, земајќи ги предвид интересите на децата“, образложува Змијанац.

ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА ТРЕБА ДА ИМААТ ПРАВО ДА ГО ДОЗНААТ ИДЕНТИТЕТОТ НА БИОЛОШКИТЕ РОДИТЕЛИ: Се иницираат измени на Законот за семејство

М.В