/ Прочитано:

1.670

Правата на граѓаните и реформите во судството – првенствени заложби на новата министерка за правда, Рената Тренеска – Дескоска

Новата министерка за правда, Рената Тренеска – Дескоска, денеска по преземањето на функцијата од нејзиниот претходник Билен Саљији, најави дека нејзина првенствена заложба ќе биде подобрувањето на состојбата на граѓаните со остварувањето на нивните права и реформите во судството.

„Еден од првите приоритети е измена на Законот за извршување со цел да се овозможи поправеден систем со помали трошоци во постапките пред извршителите“,  нагласува Дескоска.

Вториот приоритет, посочи таа, се реформите во судството, со оглед на тоа што во Министерството за правда веќе е донесена Стратегијата за реформи.

„Во догледен период ќе следува процес на преговори со оглед на тоа што дел од законите се носат со двотретинско мнозинство за да може да се изменат. Тие што не се носат со двотретинско мнозинство очекувам да се донесат со најширока можна поддршка во Собранието бидејќи навистина имаме волја судството да го направиме независно и да овозможиме правна основа за негова независност. Сметам дека тоа треба да биде од интерес на сите политички партии“, вели Дескоска.

Рената Тренеска-Дескоска е професорка по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и поранешен министер за образование и наука во актуелната Влада.

Во биографијата на Рената Тренеска-Дескоска се вели дека основно и средно образование завршила со континуиран одличен успех, за што била прогласена за првенец на генерација.

Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1994 година со просечен успех 9,55, а постдипломски студии завршила со просечен успех 10,00. Магистрирала на тема „Типови извршна власт“ во 1997 година на Правниот факултет во Скопје.

Докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година, на тема „Конституционализам, конституции и човекови права, со студија на случај на Република Словенија и Република Македонија“, со што се стекнала со назив доктор по правни науки.

Тренеска-Дескоска од 1995 до 1998 година била демонстратор на Правниот факултет – Скопје. Во 1999 година се вработува како асистент на Правниот факултет – Скопје, каде што во 2012 година е избрана за редовен професор во научната област уставно право и политички систем.

Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска била пратеник, потпретседател на Собранието на Република Македонија и шеф на делегацијата на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ. Била член на Парламентарното собрание на Советот на Европа од септември, член на ад хок комисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на парламентарни избори во Бугарија, член на ад хок комисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските избори во Србија.

Во 2012 година, по предлог на Венецијанската комисија, избрана е за член на Советодавниот панел на експерти за слобода на вероисповед на ОДИХР. Тренеска-Дескоска  била и консултант за избори на УНДП и домашен експерт за правна и институционална рамка за меѓуетнички дијалог, член на работна група за подготовка на Националната стратегија за интеграција на Република Македонија во Европската Унија, советник за уставни и правни прашања во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски  и член на ад хок комисија за испитување на настаните од 24 декември 2012 година.

М.В