/ Прочитано:

3.737

Правниот факултет „Јустинијан Први“ со огромен успех и на најголемиот натпревар по меѓународно јавно право

Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје постигна огромен успех на најстариот и најголем натпревар по меѓународно јавно право во светот –  Филип К. Џесап. „Во конкуренција на рекордeн број од околу 700 екипи пријавени годинава, на финалните натпревари во Вашингтон тимот на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ ја освои наградата ’Најдобар нов тим за 2018 година’  и се пласираше на 73-то место, односно во првите десетина проценти најдобри екипи на завршната ранг-листа, со две победи од четирите остварени натпревари со извонредно силни екипи“, истакнуваат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Со овој пласман, додаваат  од „Јустинијан Први“, тимот на Правниот факултет, по оној на Универзитетот од Софија (Бугарија, кој исто така оствари две победи), беше најдобро рангиран универзитет од регионот на Југоисточна Европа, оставајќи ги зад себе екипите на Националниот универзитет „Каподистрија“ од Атина (Грција, со една победа – 86 место), Универзитетот од Загреб (Хрватска, 87 место), Универзитетот од Белград (Србија, 115 место) и Универзитетот „Хена е плоте“ од Тирана (Албанија, 104 место).

Уште повеќе, според пласманот, екипата на Правниот факултет влезе во групата на најдобро рангирани европски тимови пред оние од бројни реномирани светски и европски универзитети, како „Сиенс по“ од Париз (Франција, 81 место), Универзитетот од Хелсинки (Финска, 82 место), Швајцарија (85 место), Карловиот универзитет од Прага (Чешка, 93 место), универзитетите од Кјото и Токио (Јапонија, 74 и 110 место) и многу други светски познати универзитети.

Тимот на Правниот факултет го сочинуваа тројца студенти од постдипломските студиите по меѓународно право и односи и право на ЕУ – Симона Шекерова, Андреј Стојковиќ и Дарко Стојаноски, и еден студент на докторските студии по меѓународно право – м-р Љупчо Стојковски, а беше под раководство и менторство на проф. д-р Сашо Георгиевски.

Меѓународниот натпревар „Филип К. Џесап“, кој веќе 59 години по ред се одржува во Вашингтон ДЦ (САД), претставува симулација на случај помеѓу две држави пред Меѓународниот суд на правдата.

М.В