/ Прочитано:

2.712

Правниот факултет при УГД го одбележа Денот на Европа

Денот на Европа – 9 мај беше одбележан вчера во рамките на манифестацијата која веќе традиционално ја организира Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.

„Денеска го одбележуваме Денот на Европа, евроинтегративните процеси и вредности. Во рамките на овој настан промовираме серија книги и изданија. Публикацијата ‘Не е шега – дискриминација и цензура’, понатаму годишните зборници, зборниците од Меѓународната конференција и списанието ‘Балкан соушал сајанс ривју’, како и промоција на книга од професорот Андон Мајхошев. Но најинтересно е истражувањето што ќе го презентираме на тема ‘Евроинтегративните процеси на Македонија и спорот со името’“, изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.

Истражувањето што го направиле студентите под менторство на проф. д-р Страшко Стојановски и проф. д-р Дејан Марлов дава интересни резултати за расположението за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, како и за тоа колку граѓаните се подготвени да го платат тоа со промена на името.

„Во првиот дел на истражувањето се забележува дека граѓаните ѝ даваат поголема поддршка на Европската Унија отколку на НАТО. Во споредба со претходните истражувања, може да се забележи тренд на опаѓање за членството во НАТО“ , истакна Александра Трајкова, студентка на Правен факултет при УГД.

Според истражувањето што го направиле студентите, интересни се и резултатите за тоа кои држави се најпријателски со Македонија.

„Од регионот граѓаните сметаат дека најпријателска земја е Србија, додека од светските сили најпријателска е Русија, но голем дел сметаат дека тоа се и Германија и САД. Најголемо влијание во Македонија, според испитаниците, има САД“, посочи Лорета Донева, студентка на Правен факултет.

Менторот на студентите проф. д-р Страшко Стојановски истакна дека резултатите од ова истражување се поклопуваат со резултатите кои неодамна се објавени и од други истражувачи во Македонија.

„Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок, но тоа не се однесува на етничкиот и религискиот критериум, односно најголем дел од испитаниците се Македонци. Она што е интересно од истражувањето е дека со опаѓањето на возрасната категорија опаѓа и поддршката, особено за членството во НАТО. Поддршката за НАТО изнесува околу 62 %, но кај најмладите категории, кај студените, оваа поддршка опаѓа некаде до 55 %, а најголема е поддршката кај пензионерите и повозрасните категории“, истакна проф. д-р Страшко Стојановски.

Во рамките на одбележувањето, студентите од Ликовната академија имаа изложба на плакати на тема „Миграции“, а студените од Музичката академија одржаа и џез-концерт.

М.В