/ Прочитано:

3.259

Правните акти од историско-правно значење на Македонската револуционерна организација

Автор: Милчо Велјаноски, дипломиран правник, магистранд по културолошки науки Објавено: Скопје, 2013


Создавањето на Македонската револуционерна организација

Формирањето на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година во Солун е клучен датум за македонската историја. Периодот по нејзиното создавање, пред и по Илинденското востание па се до АСНОМ, го носи белегот на тој историски датум како почеток на идејата за револуционерна борба. Во таа смисла, создавањето на тајната организација, подоцна наречена ВМРО има државно, но и исклучително правно-политичко значење. Затоа и како процес на организирана револуционерна структура е сфера на интерес и на правната наука, особено на историјата на правото.

Револуционерната норматива на Организацијата – битен дел за историја на правото

Во еден од трудовите што ја проследуваат историско-правната димензија и рефлексија на ВМРО, со наслов „Создавањето на македонската држава 1878 – 1978“ од проф. Д-р Александар Христов се проучува правно-политичкото значење на принципот Автономна Македонија содржан во правните акти на Организацијата. За создавањето на ВМРО професорот Христов ќе запише: „Програмскиот принцип за автономна Македонија Внатрешната организација го изведува и понатаму консеквентно го разива, го дополнува и му придава одредена политичко правна содржина врз основа на својата револуционерна програма во која таа ги изложува целите и задачите на национално-ослободителното движење. Наспроти сите оние кои принципот на автономија го засновуваат на реализирањето на член 23 од Берлинскиот договор и решението на македонското прашање го очекуваат врз основа на интервенциите на големите сили, Внатрешната организација го подига на степен на основон програмски принцип извојувањето на националната слобода по пат на револуција и сенародно востание.”

Според професорот д-р Новица Велјановски, еден од подобрите познавачи и проучувачи на историјата на правото, основањето на ВМРО има централна улога во развивањето на државнотворните процеси и создавањето на македонската држава, осебно ако се земе во предвид дека Асномска Македонија е след на таа идеја за револуционерна борба. „Правните акти на организацијата се засебно револуционерно законодавство и преку нив најдобро може да се оценат принципите на идеолошко- нормативното уредување на организацијата и на определбите на ВМРО воопшто“, вели професорот.  „Тие се од извонредно значење за правната историја на државата затоа што уредуваат содржина која тогаш за самата организација имала супремативна сила доведена до рамниште на уставно-правна норматива“, подвлекува тој.

Правните акти на Организацијата

Основен акт на Организацијата претставувал Уставот. Со формирањето на Организацијата констатирано е дека организационо изградување не е можно без потребните основни правни акти. За изработка на Уставот бил задолжен професорот Петар Поп Арсов, а истиот е усвоен во 1894 година. Со Уставот се утврдила хиерархиската поставеност на Организацијата и основачите биле именувани и дефинирани како Централен македонски револуционерен комитет. Во членот 1 целта на револуционерното дејствување на ВМРО била утврдена како борба за извојување „политичка автономија на Македонија и Одринско“. Организацијата е уредена како строго централизирана организација со апсолутна подреденост на пониските и повисоките органи. Целата власт била концентрирана во Централниот комитет кај највисоко хиерархиско тело. Уставот го утврдувал и исклучивиот територијален и политички суверенитет на Организацијата.

 Уставот е основа за донесување на Правилникот на Организацијата. Донесување на правилникот е резулатат на потребата за нормативно уредување на дејностите под надлежност на месните и другите комитети, а неговата примена го означувало правното уредување на активностите поврзани со организационата борба.

Во 1896 година на одржувањето на Солунскиот конгрес е констатирано дека потребно е донесување на нови правни акти бидејќи постоечките повеќе не одговарале на изменетите околности и услови. Подготвувањето на новиот Устав било доверено на Ѓорче Петров и Гоце Делчев.

За краток временски период Уставот бил подготвен и со него се регулирале: целите и задачите, уредувањето, раководењето, финансирањето и симболите. Дејствувањето на организацијата било утврдено така што се повикувало на целосна мобилизација за политичка автономија на Македонија и Одринско.

Новиот Устав ја задржал централизираноста и хиерархиската поставеност потенцирајќи дека: „месните комитети им се потчинети на околиските, околиските на окружните, а целата Организација се раководи и управува од Централниот комитет“. Членовите на Централниот комитет се избирале на една година од редот на окружните и од околиските комитети.

Централниот комитет утврдил печат и знаме и се дефинирала методологијата за мобилизација на вооружени сили и на финансирањето на Организацијата утврдено како самофинансирање.

Биле утврдени и кривичноправни аспекти, односно биле внесени казнени одредби за штети нанесени на Делото.

Врз основа на Уставот бил подготвен и нов Внатрешен Правилник кој имал за цел и функција правно да ги доразработи уставните одредби. Правилникот ги регулирал надлежностите, правата и обврските на органите и на телата на ВМРО, кореспонденцијата, тајната пошта, тајната полиција, вооружувањето,  финасирањето и казненоправните нормативи.

Според овие правни акти органите на револуционерната власт на ВМРО ги извршувале своите активности. Органите функционирале како паралелна судска, административна и финансиска власт. Во овие области најадекватно се согледува нормативната структура на револуцинерната идеологија. Правниот карактер на таа организационата легислатива го следи револуционерниот карактер на самата политичка цел – слободна Македонија. Преточувањето на идејните определби низ одредби означува нивна верификација со правна сила преку која на номотехнички и суштински карактер се утврдуваат постулатите на самата револуционерна борба. Тоа им дава не само политичко-историско туку и државно-правно значење.