/ Прочитано:

6.015

Правно мислење на АКРМ во врска со одредби од Законот за извршување кои се однесуваат на вонсудска наплата на долгови

Во врска со проблемите произлезени од примената на новиот Закон за извршување, Комисијата за норматива на Адвокатската комора на РМ на состанокот одржан на ден 30.5.2017 година изврши анализа на одредбите од Законот за извршување кои се однесуваат на вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа и во функција на правилно постапување на членовите на Адвокатската комора на РМ во согласност со законот го донесе следново:

                                                 ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

  1. Според член 11, точка 14 од Законот за извршување, дефинирано е значењето на поимот вонсудска наплата на долгот и според тоа:
  2. „Вонсудската наплата на долгови“ претставува обид за наплата на парично побарување по член 11 точка 14 од Законот за извршување. Според тоа, вонсудската наплата на долгови претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост), што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот.
    3. Во согласност со член 240 став 1 од Законот за извршување:

„Доверителот кој обезбедува комунални услуги опишани во член 11 точка 14 од овој закон, против должниците е должен непосредно да поднесе барање за вонсудска наплата на долгови, пред започнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, во согласност со одредбите на Законот за нотаријат, и тоа:

– за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2.000,00 денари,

– за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6.000,00 денари,

– за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2.000,00 денари.

Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува износот определен погоре, доверителот поведува постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, во согласност со одредбите на Законот за нотаријатот.

  1. Единствен критериум врз основа на кој Законот за извршување врши разграничување во случај кога доверителот е обврзан непосредно да поднесе барање за вонсудска наплата на долгови пред извршител, а во случај кога поведува постапка пред нотар за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, во согласност со одредбите на Законот за нотаријат, е: износот на неплатените комунални услуги во моментот на поднесување барање пред извршител, односно поведување постапка пред нотар. Тоа е експлицитна одредба од чл. 240, ст.1, алинеја 2 од Законот за извршување, во која не е ставен никаков друг критериум, како на пример,  една или повеќе  веродостојни исправи, временски период  или  друго.

Законската  дефиниција на вонсудската наплата содржана во член 11, точка 14 од Законот за извршување е  обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот. Очигледно е дека законската дефиниција на изразот вонсудска наплата употребува множина: фактури, а не еднина: фактура. Нагласуваме дека фактурите се прецизно дефиниран вид веродостојна исправа и изразите употребени во натамошниот текст на законот како „веродостојна исправа“ се однесуваат на изразот фактури употребен во делот од Законот за извршување со меѓунаслов: Значење на одделни изрази, а кои изрази се дефинирани во член 11 од Законот за извршување.

Значењето на изразот вонсудска наплата на долгови не се менува ниту може да се менува со натамошните дефиниции во Законот  за извршување.

Оттука, изразот веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории, телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2.000,00 денари, односно веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6.000,00 денари  употребен во член 240 од Законот за извршување го има значењето опишано во делот „Значење на изразите“: парично побарување по фактури за комунални сметки.

                                                ЗАКЛУЧОК:

1.1 Доколку износот за неплатена вода, смет и одржување на заеднички простории, телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори е под 2.000 денари, односно за неплатена електрична или топлинска енергија е под 6.000 денари по една или како збир на повеќе фактури  (кои во случајов се веродостојни исправи), претпријатието кое обезбедува комунални услуги како доверител е обврзано  непосредно да поднесе барање за вонсудска наплата на долгот.

1.2 Доколку износот за неплатена вода, смет, одржување на заеднички простории, телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори е над 2.000 денари, односно за неплатена електрична или топлинска енергија е над 6.000 денари по една или како збир на повеќе фактури  (кои во случајов се веродостојни исправи), претпријатието кое обезбедува комунални услуги како доверител е должно да поведе постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, во согласност со одредбите на Законот за нотаријатот.

Оваа постапка се спроведува и во случај кога повеќето неплатени фактури се со износи помали од горенаведените или дел од тие фактури се со помали износи од наведените во овој став.

1.3 Во ситуациите опишани под 1.1 и 1.2 нема правно значење временскиот период на кој се однесува неплатената вода, смет, одржување на заеднички простории, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, електрична или топлинска енергија. Периодот за кој се фактурира си го определува доверителот.

  1. Вонсудска наплата не се однесува на камати по каматните листи затоа што во чл. 11 т.14 од Законот за извршување, вонсудската наплата е обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки, а тие не претставуваат веродостојни исправи за наплата на камата. Каматните листи не се опфатени во дефиницијата на вонсудската наплата од   чл. 11 т. 14 од Законот за извршување.
  2. Поврзано со горните правни ситуации треба да се има предвид дека поднесувањето барање за вонсудска наплата не предизвикува прекин на застарувањето на долгот кое застарува по протек на една година за физички лица, а три за правни лица, бидејќи еднострана понуда за спогодба (барање за вонсудска наплата) не е основ предвиден во чл. 377 од ЗОО според кој „застарувањето се прекинува со подигање тужба и со секое друго доверителово дејствие преземено против должник пред суд или пред друг надлежен орган заради утврдување, обезбедување или остварување на побарувањето“.

Барањето за вонсудска наплата, а потоа и опомената од страна на извршителот имаат само карактер на опомена која без согласност на должникот нема никакво правно влијание. Тоа недвосмислено произлегува и од одредбите од Законот за извршување – „Значењето на изразите“ каде што во член 11, точка 14 од Законот за извршување, вонсудското спогодување е дефинирано како обид за наплата на парично побарување… што го спроведува извршител по барање на доверителот СО СОГЛАСНОСТ НА ДОЛЖНИКОТ. Значи дека без согласност на должникот, во никој случај, не може да настане прекин на застареноста. Уште повеќе и самиот обид претпоставува, според цитираната дефиниција, согласност на должникот, бидејќи во значењето на изразите, како што е погоре наведено, при дефинирањето на вонсудска наплата на долгови е употребен термин дека тоа претставува обид за наплата со согласност на должникот.

Врз оваа констатација нема никакво влијание фактот што во Правилникот за начин на распределба на предметите по извршители од страна на Комората, содржината и начинот на поднесување на барањето од доверителот до Комората, содржината на одговорот на Комората и начинот на доставување на одговорот на Комората до доверителот во членот 11 е наведено дека со моментот на доставувањето на барањето на вонсудска наплата на долгови од страна на доверителот проследено преку Комората до извршителот рокот на застарување се прекинува во согласност со член 377 од ЗОО. Ова е од причина што нема правно значење ниту кој било суд може да ја земе како релевантна измената на закон извршена со Правилник.

4. Сметаме дека Правилникот за начин на распределба на предметите по извршители од страна на Комората, содржината и начинот на поднесување на барањето од доверителот до Комората, содржината на одговорот на Комората и начинот на доставување на одговорот на Комората до доверителот во повеќе аспекти излегува од рамките на законската одредба која ги дефинира границите на доразработка на Законот со подзаконски акт.

 

АДВОКАТСКА КОМОРА НА РМ              КОМИСИЈА ЗА НОРМАТИВА НА АКРМ

                  Претседател                                                             Претседател

       Никола Додевски, адвокат                                  Дељо Кадиев, адвокат

(М.В)