/ Прочитано:

3.086

Правно мислење на проф. д-р Борче Давитковски за почетокот на управната постапка во случај на поднесување барање за признавање право на азил

slika

Законот за азил и привремена заштита, како што сугерира и неговиот назив, претставува lex specialis за правото на азил и за постапката за негово признавање. Tој ја уредува соодветната постапка во првата точка од втората глава (членовите 15 до 26), предвидувајќи супсидијарна примена на Законот за општата управна постапка (член 15).

Во согласност со одредбата од членот 16, истакнува професорот Давитковски во правното мислење издадено од Македонското здружение на млади правници, поведувањето постапка за признавање на право на азил е поделено во две фази:

  • во првата фаза (наречена „искажување намера“) странецот на граничниот премин или во внатрешноста на територијата на Република Македонија усно или писмено ја искажува намерата за поднесување на барање за признавање право на азил пред полициски службеник од Министерството за внатрешни работи. По искажувањето намера полицискиот службеник ги прибележува личните податоци на странецот кој искажал намера, му издава потврда и го упатува во рок од 72 часа да поднесе барање за признавање право на азил пред овластеното службено лице во просториите на Секторот за азил кои се наоѓаат во Прифатниот центар за баратели на азил;
  • во втората фаза (наречена „поднесување барање“) странецот го поднесува барањето за признавање право на азил до Секторот за азил во Прифатниот центар за баратели на азил (во рок од 72 часа од искажувањето намера).

Сепак, Законот за азил и привремена заштита во својот член 16-а нуди уште една можност, а тоа е поднесување на барањето за азил и до полицијата на граничниот премин или во најблиската полициска станица. Во овие случаи полициските службеници го спроведуваат барателот на право на азил до Прифатниот центар за баратели на азил.

Барањето за признавање право на азил, во согласност со членот 18 од Законот, се поднесува писмено или усно на записник.

Ниту една од споменатите или другите одредби од Законот за азил и привремена заштита не дава прецизен одговор на прашањето кој момент ќе се цени како момент кога почнува постапката за признавање право на азил како посебен вид управна постапка. Се поставува дилемата дали е тоа моментот на искажување намера, моментот на прибележување на намерата и личните податоци на странецот од страна на полицискиот службеник, или пак моментот на поднесување на барањето. Што се случува во оние случаи кога странецот го поднел барањето за признавање право на азил усно, а записник не е составен и тоа не по негова вина?

Правното мислење на проф. д-р Борче Давитковски во врска со почетокот на управната постапка во случај на поднесување барање за признавање право на азил.

М.В