/Прочитано:

1.145

Правно мислење на Врховниот суд за амнестијата на правосилно осудени лица за кои претходно била издадена потерница

Врховниот суд на РМ донесе правно мислење во врска со прашањето дали амнестијата се однесува и за правосилно осудени лица кои на денот на влегување во сила на Законот за амнестија („Службен весник на РМ“ бр. 11/2018 од 18.1.2018 година) се наоѓаат на издржување на казна затвор, а за кои претходно било наредено издавање потерница поради нивна недостапност.

„Амнестијата се однесува и за правосилно осудени лица кои на денот на влегување во сила на Законот за амнестија („Службен весник на РМ” бр. 11/2018 од 18.1.2018 година) се наоѓаат на издржување на казна затвор, а за кои претходно било наредено издавање потерница поради нивна недостапност“, се вели во правното мислење на Врховниот суд.

Правното мислење во целост:

„Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија врз основа на член 153 и член 160 од Судскиот деловник, како и членовите 31 и 37 од Деловникот на Врховниот суд на Република Македонија, а во врска со примената на член 4 став 1 од Законот за амнестија (Службен весник на РМ бр.11/2018 од 18.01.2018 година), на седницата одржана на ден 22.02.2018 година, донесе:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Амнестијата се однесува и за правосилно осудени лица кои на денот на влегување во сила на Законот за амнестија (“Службен весник на РМ” бр.11/2018 од 18.01.2018 година), се наоѓаат на издржување на казна затвор, а за кои претходно било наредено издавање потерница поради нивна недостапност.

О б р а з л о ж е н и е

Претседателот на Апелациониот суд Штип до Врховниот суд на Република Македонија, поднесе барање Су бр.187/18 од 13.02.2018 година за донесување Правно мислење во врска со член 4 став 1 од Законот за амнестија (Службен весник на РМ бр.11/2018 од 18.01.2018 година), бидејќи Кривичниот оддел во Апелациониот суд Штип по однос на примената на одредбата од член 4 став 1 од Законот за амнестија има две различни мислења. Со оглед на постоењето на две различни мислења во конкретни одлуки на советите на Апелациониот суд Штип, и нееднакво постапување по предметите во однос на примената на член 4 став 1 од Законот за амнестија, во барањето се предлага да се одржи Седница на одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија и да се донесе правно мислење во врска со примената на член 4 став 1 од Законот за амнестија.

Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија на одржаната седница на ден 22.02.2018 година констатира дека постои нееднаква примена на член 4 од Законот за амнестија преку различни мислења изразени во конкретни судски одлуки, поради што с Амнестијата се однесува и за правосилно осудените лица кои на денот на влегување во сила на Законот за амнестија (Службен весник на РМ бр.11/2018 од 18.01.2018 година), се наоѓаат на издржување на казна затвор, а за кои претходно било наредено издавање потерница, поради нивна недостапност.

Според член 4 став 1 од Законот за амнестија, амнестија не се однесува на правосилно осудени лица, за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница, поради нивна недостапност на органите на кривичниот прогон. Според став 2 од истиот член на законот судијата за извршување на санкции е должен во рок од 3 дена од денот на влегување во сила на овој закон, писмено да го извести судот кој е надлежен да постапува, за постоење на околностите од ставот 1 на овој член.

Институтот амнестија се однесува на определена категорија осудени лица под услови дефинирани со Законот за амнестија. Во одлуките на советите на понискиот суд различна е примената на Законот за амнестија по однос на лицата за кои била распишана потерница, а кои на денот на стапување во сила на Законот се нашле на издржување на казната затвор. Одделот за казниви дела во Врховниот суд на Република Македонија ова Правно мислење го темели на еднаквост на правата на сите правосилно осудени лица кои на денот на влегување во сила на овој закон се наоѓаат на издржување на казна затвор. Околноста што за некои од овие лица претходно била издадена потерница поради нивна недостапност не е правна пречка за примена на Законот за амнестија за тие лица.

Согласно член 6 од Законот за амнестија, во постапката за спроведување на законот се применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка, доколку со тој закон не е поинаку определено. Според член 562 од Законот за кривичната постапка (Службен весник на РМ бр.150/10, 100/12, 142/16 и 193/16), органот што наредил издавање на потерница, или објава е должен веднаш да ја повлече кога ќе се пронајде бараното лице, или имот и имотна корист или предмет, или кога ќе настапи застареност на кривичното гонење, или на извршување на казната, или други причини поради кои потерницата, или објавата повеќе не е потребна.

Без оглед дали органот што наредил издавање на потерница не ја повлекол потерницата, иако според член 562 од ЗКП бил должен веднаш да ја повлече штом осуденото лице се нашло на издржување на казната во казнено поправната установа, настапила околност на која осуденото лице не можело да влијае.

Непостапувањето на органот кој бил должен да ја повлече потерницата не смее да биде причина за неостварување на правата од Законот за амнестијата за осуденото лице против кое не била повлечена потерницата поради недостапност, а настапила причина за повлекување предвидена со ЗКП. За правилна примена на Законот за амнестија судот е должен да утврди дали настапиле околностите за повлекување на потерницата од членот 562 од ЗКП, кој е во супсидиерна примена согласно членот 6 од Законот за амнестија, па така во потполност ќе се обезбеди принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред судовите со што не би се ограничиле правата на осудените лица на кои без нивна вина поради непостапување на органите издадената потерница поради недостапност не им била повлечена до денот на стапување во сила на Законот за амнестија, иако тие до тогаш се нашле на издржување на казната. На овој начин ќе се обезбеди еднаква примена на законот за сите категории на осудени лица на кои се однесува Законот за амнестија.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Претседател на Оддел за казниви дела Јово Вангеловски.“

М.В