/ Прочитано:

2.417

Правно-технолошките откритија на Драги Рашковски — Од наградената електронска гласачка кабина до попис на населението

Една од повпечатливите изјави на реномираниот адвокат Тим Џонс на Конференцијата за управување со правни ризици беше дека правниците можат да бидат одлични организатори, менаџери и иноватори затоа што постојано прашуваат – Што ако се случи ова? Се чини дека оваа изјава најдобро го отсликува неодамнешниот успех на младиот доктор по правни науки и иноватор Драги Рашковски кој на Меѓународниот саем на иновации iENA2013 на кој учествуваа 700 патенти на иноватори од целиот свет освои сребрен медал, а од Полската асоцијација на иноватори доби златна статуетка.

Тој на саемот кој се одржа од 31-ви октомври до 3-ти ноември 2013 година во Нирнберг, Република Германија, настапи со иновацијата Електронската гласачка кабина, односно патентот под наслов Ситем и уреди за електронско спроведување на сите форми на посредна и непосредна демократија.

Драги Рашковски е доктор на правни науки, доцент на Правниот факултет „Јустинијан први“ во Скопје и е вклучен од самите почетоци на спроведувањето на ЕКТС како негов одговорен администратор. Ползувајќи ги искуствата на технологијата и правото, неговата иновација е резултат на успешниот спој на различните области, а примарната функција на неговиот пронајдок е во изградбата на електронската непосредна демократија.

На прв поглед неговите иновации звучат мошне футуристички и идеализирано, но како што вели Рашковски – за нешто да се претвори во реалност мора да се има идеја и сон дека тоа ќе се оствари.

Сепак, кога добро ќе се запознаат контекстите на неговиот пронајдок слободно може да се констатира дека неговата идеја навистина на долг рок е универзално идеалистичка, но што е најважно – многу лесно остварлива во праксата и во домашните состојби.

Иновација која овозоможува директно вклучување на граѓаните во јавно-политичкиот живот

Според Рашковски примената на Електронската гласачка кабина априорно служи за остварување на формите на демократија. Преку неа граѓаните ќе може да гласаат, да одлучуваат за прашања како буџет, изградба на патишта, ветерници, гасификација и се она за што би требало да бидат прашани како граѓани.

„Во денешно време без разлика дали се работи за посредна или непосредна сите ги критикуваат дека не се на степен на којшто треба да бидат и не ги остваруваат целите онака како што се замислени. Ако тргнеме од тоа дека секој ден луѓето се помалку се вклучени во непосредните текови на учество во одлучувањето за јавни работи, вие мора да му најдете некоја форма со која ќе му овозможите да го реализира тоа и да учестува во јавниот живот. Во време кога целокупниот јавен живот е препуштен на политичарите, народот нема можност да биде вклучен во тоа, бидејќи не може и да сака затоа што мора да одвои добар дел од своето време. Значи, покрај правно-политичките претпоставки, постојат и технично-практични. И сега доаѓаме до суштината – народот да се приближи до политиката, а тоа може преку користење на технологијата која ја користиме секојдневно од забавни до едукативни цели. И тука најбитно е таа да се користи кога се одлучува за работи кои ја одредуваат неговата иднина“, оценува тој.

 Функционирање и состав на иновацијата

Електронската гласачка кабина поседува одлични технолошко-естетски перформанси. Нејзиниот креатор Рашковски наведува дека практичноста и мултифункционалноста во однос на просторот се многу битен момент и елемент, како за организираноста така и за поставеноста на електронската демократија во однос на економијата на време и средства.

„Во кабината има два сензори, чија примарна цел е да се регистрира колку луѓе има во кабината. Ако има двајца системот автоматски се исклучува и не можете да гласате. Сензорите ќе ги препознаат предметите кои ги држите во рака како мобилен, камера и слично. Имаат и заштита да се смени гласачот, постои препознавање со отпечаток од прстот. МВР располага со тие податоци за отпечатоците и не би било проблем да се добијат во функција на изборниот циклус. Покрај отпечатоци има и картица. Картицата ја воведовме за да ја отстрани превентивно малата теоретска грешка од 1% што може да се појави за отпечатоците, но тоа е минорна веројатност. Едноставно картицата е дополнителна верификација за влез во системот. Доколку вие се оддалечите на растојание на 50 сантиметри гласањето се прекинува, а ни теоретски не можете да излезете од кабината и да се одвива процес на гласање паралелно за вашето регистрирано гласање. Очигледно е дека маката и неправилностите што сме ги имале при организирање на изборите баш со оваа кабина се решаваат. За лица кои имаат хендикеп исто така има решение. Во соодветна процедура тие лица во базата ќе се внесат и претходно ќе бидат најавени дека со друго лице ќе гласаат. На пример, лица без екстремитет или оштетен вид. Во тој случај сензорите ќе дозволат присуство на двајца, секако со внесени податоци и налицето кое ќе дава помош“, објаснува Рашковски.

Заштита на приватноста

„Приватноста е заштитена на тој начин што во базата не се чува поврзување помеѓу гласачот и дадениот глас, односно гласачите се чуваат во една табела, а гласовите во друга табела. Гласот се чува како забележан глас и не се регистрира хронолошки. Оние што го работат ова и кои се запознаени повеќе технолошки, добро се запознаени за што станува збор. Во принцип прашање е на доверба, тоа е исто како дали граѓаните имаат доверба во банките и секаде каде се оперира со електронски податоци. Јас предлагам системот да не биде прикачен на интернет и да се изгради посебна инфраструктура“, вели Рашковски и истакнува дека ова прашање и прашањето на доверебата најмногу побудуваат сомнеж, кој за него е неоправдан.

Воедување на Електронската гласачка кабина ќе чини колку два изборни круга

Од тие причини тој смета дека на иновацијата треба да се гледа како на демократско-политички импакт и како на нешто што ја одредува иднината на народот и тоа не треба да се става под знак прашалник. Во таа насока и цената на оваа иновација е неспоредлива во однос на организирање на „традиционалните“ избори во Македонија.

„Иновацијата чини колку два изборни круга, но не станува збор за пари, посебно ако се земе во предвид дека работи за иднината на народот, одредувањето на судбината, а тие работи на може да се гледаат низ таа призма, особено ако се земе во предвид дека се работи за клучни прашања. Со оваа новина ќе бидеме први во светот. Како хардверско решение чини 12 милиони евра за да се изградат во Македонија 4 илјади гласачки места. Еднаш купувате и толку, плаќате само струја која би чинела 3 или 4 илјади евра само за електрична енергија при избори. Но пак ќе го растеретите народот, му правите нешто попристапно и практично, значи ова е неспоредливо со гласачки кутии. Може да замислите како би се апсолвирале сите неправилности кои перманентно се појавуваат на избори. Главна карактеристика е и мобилноста. Кога ќе ја поставите кабината во центри, продавници, банки, аеродроми. Ќе го растеретите народот од гласање на едно место, ве растеретува од таа бирократизирана постапка, прскање со спрејови, соочување со политички пајташи или слични перипетии при изборите“, потенцира младиот иноватор.

Иновацијата за попис на населението – веќе следната недела ќе биде дел од македонските регистрирани патенти

Драги Рашковски ексклузивно за Академик.мк најавува дека следнава седмица ќе поднесе патент за спроведување на попис на население.

„Имам начин со кој во една седмица полуелектронски ќе се спроведе попис во Македонија!“, акцентира тој.

Дигитална Македонија, подобра држава и свет – крајна цел

Иновативниот дух на овој перспективен млад интелектуалец не мирува. Покрај овие два патенти напоменува дека планира во скоро време да презентира уште седум.

„Мојата крајна цел е создавање на дигитална држава, ако државата е домаќинството и се организирате како е дома зошто да не одвоите да си ги средите приоритети во државата, а тоа многу едноставно може да се спроведе преку технологијата. И не само на локално ниво, крајната цел би била и светот. Знаете, со оваа иновација ние би биле први во светот, но не значи дека еден ден нема за светски прашања и насекаде народот да одлучува вака“, заклучува Рашковски, ветувајќи дека ќе создаде потенцијал за подобра иднина на правото, државата и светот.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 19 11 2013