/ Прочитано:

2.594

Правото на жалба и битните повреди на законот во Нацрт-законот за јавните набавки

Во Поглавјето 2 „Општи одредби за жалбената постапка“ од Нацрт-законот за јавните набавки се пропишуваат одредби за правна природа и начела на жалбената постапка, правото на жалба, странки во жалбената постапка, правилата на докажување, постапувањето на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Во членот 126 посветен на правна природа и начела на жалбената постапка се пропишува дека на дејствијата во жалбената постапка кои не се уредени со одредбите од овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.

Жалбената постапка се темели на начелата на јавни набавки и во жалбената постапка се одлучува за законитоста на постапките, дејствијата, пропуштањата за преземање дејствија и одлуките донесени во постапките за јавни набавки, како и за законитоста на договорите за јавни набавки и рамковните спогодби склучени без примена на постапка за јавна набавка.

Се забранува секој договор помеѓу странките кој влијае или би можел да влијае врз исходот од жалбената постапка, а секој договор склучен спротивно на  оваа забрана е ништовен.

Во членот 127 од Нацрт-законот кој се однесува на правото на жалба се вели дека секој економски оператор кој има правен интерес за добивање на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба и кој претрпел или би можел да претрпи штета од евентуално прекршување на одредбите од овој закон, може да бара правна заштита против одлуките, дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за јавна набавка.

Правна заштита може да бара и Бирото за јавни набавки и државниот правобранител на Република Македонија, кога ги штитат интересите на државата или јавниот интерес.

Странки во жалбената постапка, се пропишува понатаму во членот 128, се жалителот, договорниот орган, избраниот кандидат и избраниот најповолен понудувач.

Во врска со правилата за докажување, во членот 129 се пропишува дека во жалбената постапка странките се должни да ги изнесат сите факти на кои ги засноваат своите барања, како и дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за јавна набавка и да достават соодветни докази за тоа.

Во жалбената постапка договорниот орган е должен да ги докаже фактите и околностите врз основа на кои ја донел својата одлука, презел дејствија или пропуштил да преземе дејствија во реализација на постапката за јавна набавка која е предмет на жалбена постапка.

Жалителот во жалбената постапка, се вели понатаму во членот 129, е должен да докаже или да го стори веројатно постоењето на фактите и причините кои се однесуваат на правото за поднесување на жалба, повреда на постапката, или повреда на материјалното право, кои се истакнати во жалбата.

Членот 130 од Нацрт-законот за јавни набавки се однесува на постапувањето на Државна комисија за жалби по јавни набавки и битните повреди на законот. Во жалбената постапка Државната комисија постапува во границите на жалбените наводи, а по службена должност проверува дали се сторени битни повреди на законот.

Битни повреди на законот се:

– утврдување пократок рок за поднесување понуди или пријави за учество од минималниот рок утврден со овој закон;

– измена на огласот не е објавена, а постоела обврска за тоа согласно со одредбите од овој закон;

– рокот за поднесување понуди или пријави за учество не е продолжен, а постоела обврска за тоа согласно со одредбите од овој закон;

– кандидатот или понудувачот морал да биде исклучен од постапката за јавна набавка бидејќи постојат причини за негово исклучување;

– по истекот на рокот за поднесување понуди во отворена или ограничена постапка договорниот орган водел преговори или понудувачот ја изменил својата понуда спротивно на одредбите од овој закон;

– критериумите за способност не се утврдени во согласност со овој закон и

– тендерската документација не е во согласност со овој закон и довела или можела да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција.

Државната комисија не е овластена да ги контролира фактичката и правната состојба којашто била предмет на претходна жалба во истата постапка за јавна набавка.

 М.В