/ Прочитано:

1.448

Предизвици и можности за финансирање на научното истражување во Република Македонија

Денеска се одржа завршна конференција на тема „Предизвици и можности за финансирање на научното истражување во Република Македонија“, во организација на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ во рамки на Регионалната програма за поддршка на истражувањата во земјите од Западен Балкан.

На денешниот настан, на кој беа споделени и словенечките и естонските искуства за научноистражувачката дејност, беше истакнато дека е потребен нов модел за финансирање на научноистражувачката дејност и, во таа насока, беше презентиран нов Предлог-модел за финансирање на научноистражувачката дејност, во кој се предлага измена на постојниот начин на научноистражувачка работа преку која ќе се обезбеди независност, транспарентност  и квалитет на научноистражувачката работа и на истражувачките резултати.

Во таа насока, во Предлог-моделот за финансирање на научноистражувачката дејност се предлага основање Агенција за научни истражувања како самостоен и независен државен орган кој за својата работа одговара пред Собранието.

Покрај основање на Агенција за научни истражувања како самостоен и независен државен орган, во новиот модел за научноистражувачката дејност се нагласува неопходноста од поефективно остварување на Националната програма за научноистражувачка дејност и за меѓународната соработка, која е регулирана во Законот за научноистражувачка дејност.

Со Законот за научноистражувачка дејност се уредуваат начелата, целите, јавниот интерес, остварувањето на научноистражувачката дејност, субјектите на научноистражувачката дејност и начинот на финансирање на научноистражувачката дејност, додека пак со Националната програма се утврдуваат развојните правци и приоритетите за финансирање во научноистражувачката дејност.

Во програмата, исто така,  се утврдуваат и појдовните основи, целите, содржината и обемот на задачите во областа на науката, начинот на нејзиното координирање и спроведување, потребната истражувачка инфраструктура, начинот на финансирање на научноистражувачката дејност, проекции за потребите од кадри за науката и показателите за следење на ефикасноста на остварувањето на научноистражувачката дејност.

Новооснованата Агенција за научни истражувања, беше подвлечено на настанот, треба да биде надлежна за транспарентно, ефикасно и ефективно остварување на Националната програма за научноистражувачка дејност.

„Со постојниот начин на научноистражувачка работа не се обезбедува  независност и  транспарентност на целокупниот процес. Од тие причини,  се доведува во прашање и квалитетот на истражувачките резултати“, беше потенцирано на завршната конференција на тема „Предизвици и можности за финансирање на научното истражување во Република Македонија“.

М.В