/ Прочитано:

1.554

Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции во собраниска процедура

Владата го поднесе Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции во Собранието на РМ. Предложените законски решенија, се вели во законското образложение, создаваат правна рамка и сигурност за инвеститорите и имаат за цел поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и зголемување на вработувањето.

Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Македонија.

Во Предлог-законот се вели дека финансиските средства во врска со спроведувањето на законот ќе бидат обезбедени од Буџетот на Република Македонија. Висината на средствата обезбедени во тековната 2018 година е 1.118.110.000 денари.

Како единствено можно решение за надминување на идентификуваните проблеми во оваа област се наметна донесување на нов закон со кој на системски начин се решава прашањето на доделувањето на финансиската поддршка на инвестициите, а кој создава правна рамка за сигурност на инвеститорите на подолг временски рок. При ова, предвидените процедури за добивање на финансиска поддршка се транспарентни, јасни, прецизни, едноставни и исти за сите деловни субјекти кои сакаат да инвестираат.

Законот предвидува видови на финансиска поддршка за инвестиции и конкурентност.

Видови на финансиска поддршка за инвестиции се:

  • Поддршка за создавање на нови вработувања;
  • Поддршка за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од Република Македонија;
  • Поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување;
  • Поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес;
  • Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи и
  • Поддршка за откуп на средства од претпријатија во тешкотии.

Видови на финансиска поддршка за конкурентност се:

  • Поддршка за деловни субјекти кои ја зголемиле својата конкурентност на пазарот;
  • Поддршка за деловни субјекти освојување на пазари и пораст на продажба.

За секој вид финансиска поддршка со законот се пропишани условите, односно критериумите под кои таа може да се добие. Во овој правец со законот, исто така, се предвидува ограничување на можноста на добивање на финансиска поддршка, во согласност со овој закон, доколку под исти или слични услови подносителот на барањето веќе се имал стекнато со поддршка од страна на кој било надлежен орган на Република Македонија, начин на кој исто така ќе биде оневозможена можната злоупотреба во исплата на финансиска поддршка по исти основи.

М.В