/ Прочитано:

1.413

Предложен новиот Закон за фитофармација

Владата на РМ го поднесе во Собранието на РМ новиот Закон за фитофармација, кој е со европско знаменце. Целта на овој закон е да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето, животните и животната средина, подобрување на функционирањето на пазарите, како и подобрување на земјоделското производство.

„Овој закон се заснова на принципот на претпазливост, осигурувајќи дека активната супстанца или фитофармацевтскиот производ (во понатамошниот текст ФФП) кој се пласира на пазарот нема негативен ефект врз здравјето на луѓето или животните или на животната средина, вклучувајќи ги и случаите кога постои научна несигурност во врска со ризиците поврзани со здравјето на луѓето или животните или животната средина што произлегуваат од употребата на овие производи“, се вели во законското образложение.

Со Предлог-законот се воспоставува правен основ за пререгистрација на сите економски оператори кои треба да ги исполнуваат условите за доследно спроведување на постапките за добивање на безбедни финални примарни производи.

Со текстот на Законот се воспоставува процедура на оцена и одобрување на фитофармацевтски производи, како и заемно признавање на производи регистрирани во јужната зона, во која, во согласност со поделбата на ЕППО, припаѓа и Македонија. Се воспоставува основ за лиценцирање на професионални корисници, дистрибутери и советници за употреба на фитофармацевтските производи. Се воспоставува процедура на сертификација на опремата за апликација на ФФП.

Со Предлог-законот за фитофармација се уредува областа на маркетингот на фитофармацевтските производи, нивната употреба, спроведувањето и прибирањето на статистичките податоци за ставените во промет и употребени фитофармацевтски производи, резидуите кои ги оставаат овие производи во растенијата, растителните производи, храната и храната за животни како и процедурите и постапките за оценување и регистрирање на фитофармацевтските производи.

Во Законот се воспоставува законодавна процедура за тестирање, калибрирање и сертификација на опремата за апликација.

Со Законот за фитофармација се уредуваат и условите што треба да ги исполнуваат економските оператори за да вршат дејност од областа на фитофармацијата, како и условите што треба да ги исполнуваат давателите на јавни услуги во областа на фитофармацијата.

М.В