/ Прочитано:

1.499

Предложени измените на Законот за ревизија

Владата на Република Македонија во Собранието предложи измени на Законот за ревизија. Со Законот за ревизија се уредуваат условите за вршење на ревизија во правните лица кои вршат дејност во Република Македонија.

Предложените измени и дополнувања на Законот за ревизија, се вели во законското образложение,  имаат за цел:

-Доуредување на условот за поседување на меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англиски јазик кој треба да го исполнува лицето именувано за претседател, односно член на Советот и бришење на условот за положен психолошки тест и тест за интегритет;

-Советот за унапредување и надзор на ревизијата да учествува во контрола на квалитет кај овластен ревизор, трговец поединец – овластен ревизор и друштва за вршење на ревизија кога постапката на контрола се спроведува на барање на Советот;

-Доуредување на независноста на лицето кое врши контрола на квалитет кај определен субјект на контрола на квалитет;

-Натамошно непречено спроведување на испитот за стекнување на звањето ревизор, односно полагањето на испитот да се врши по веќе воспоставениот и функционален концепт одобрен од Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), чија членка е Институтот.

– Доуредување на составот на одборот за ревизија кај правните лица од јавен интерес.

Законот, чие донесување се предлага, се заснова врз истите начела врз кои се заснова Законот за ревизија.

Основните решенија што се предлагаат се:

– Проширување на листата на меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик со сертификатот АПТИС за кандидатите за претседател и членови на Советот и бришење на условот за положен психолошки тест и тест за интегритет;

– Учество на вработен од стручната служба на Советот во постапката за контрола на квалитет, кога истата се спроведува на барање на Советот;

– Дефинирање на временскиот период од кога започнува да се смета дека контролорот престанал да има конфликт на интерес со субјектот на контрола. Исто така, лицата кои учествуваат во контролата ќе имаат законска обврска својата независност да ја потврдат и со лична изјава во писмена форма;

– Спроведување на испитот за стекнување на звањето ревизор од страна на Институтот преку вклучување на законски одредби во согласност со кои полагањето на испитот ќе може повторно да се врши во согласност со ‘стариот’ концепт. Институтот обуките за предметите од програмата за полагање на испитот за стекнување на звањето ревизор ќе ги спроведува само доколку за истото постои интерес од страна на кандидатите, по примерот на спроведување на обуките од страна на меѓународните професионални сметководствени тела и

– Одборот за ревизија кај субјектите од јавен интерес ќе може да биде формиран од сите или дел од членови на надзорниот одбор, односно одборот на директори или да биде избран од страна на собранието на акционери или друго соодветно тело на правното лице или избран од надзорниот одбор, при што мнозинството членови ќе мора да бидат независни членови.

М.В