/Прочитано:

1.639

Предложени законски измени за подобрување на условите за добивање на субвенциониран станбен кредит

Владата на РМ предлага измени на Законот за субвенционирање на станбен кредит, по скратена постапка. Предложените измени на Законот за субвенционирање на станбен кредит се во насока на подобрување на условите за добивање на субвенциониран станбен кредит.

„Со измените се предвидува намалување на трошоците за субвенционираните кредити, се воведуваат нови модели и поволности за субвенционирање, се олеснуваат условите за отплата на кредитот, се прецизираат условите кои барателите треба да ги исполнат за добивање на субвенциониран станбен кредит и се обезбедува поправична употреба на јавните средства, со цел проектот да продолжи да се реализира во наредниот период и подобро да ги задоволи реалните потреби на што поголем број граѓани за обезбедување на сопствен дом.

Поконкретно, со овие законски измени се врши намалување на постојните каматни стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит и тоа: за субвенционирање на рата од кредит во првите 3 години, каматната стапка се намалува од 3,95% на 2,9% годишно. Во наредните 2 години, каматната стапка се намалува од 4,44% на 3,9%, додека во однос на моделот за субвенционирање на учеството од субвенционираниот кредит, каматната стапка се намалува и ќе изнесува најмногу до шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 п.п. на годишно ниво во текот на целото времетраење на отплата на кредитот. Со овие законски измени се обезбедува дополнителна поддршка за младите лица во насока порано да се одлучат да формираат сопствен дом.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се утврдува износ на субвенција, и тоа на следниот  начин:

– при купување на нов стан, покрај постојната можност за субвенционирање на 50% од ратата во првите пет години од отплатата на кредитот или 50% од учеството, но не повеќе од 6.250 евра, за лицата до и со наполнети 35 години (а во брачна заедница едниот брачен другар да е до и со наполнети 35 години) се обезбедува субвенција во износ од 70% од ратата во првите пет години од отплатата или 70% од учеството за станот, но не повеќе од 8.750 евра,

– за изградба/купување на нова куќа, субвенцијата изнесува 80% од ратата во првите пет години од отплатата на кредитот или 80% од учеството за кредитот, но не повеќе од 10.000 евра, додека за лицата до и со наполнети 35 години возраст (а во брачна заедница едниот брачен другар да е до и со наполнети 35 години), субвенцијата изнесува 60% од ратата во првите три години, 50% од ратата во следните пет години и 40% во последните три години од отплатата на кредитот, или 100% од учеството од кредитот, но не повеќе од 12.500 евра, и

– за изградба на надградба/доградба на посебна станбена единица во рамки на постоечка куќа, субвенцијата изнесува 75% од ратата во првите 5 години од отплатата на кредитот или 75% од учеството, но не повеќе од 9.375 евра, а за лицата до и со наполнети 35 години возраст (а во брачна заедница едниот брачен другар да е до и со наполнети 35 години), субвенцијата изнесува 50% од ратата во првите три години, 40% од ратата во следните пет години и 30% во последните три години од отплатата или 100% од учеството од кредитот, но не повеќе од 12.500 евра.

Покрај ова, со измените се овозможува дополнителна субвенција во износ од 30% од ратата на кредитот во период од 1 година доколку семејството на корисникот на субвенциониран станбен кредит се зголеми со раѓање или со посвојување на дете во период од десет години од добивањето на субвенцијата.

Критериуми за избор на корисниците на субвенциониран кредит преставуваат висината на вкупните приходи на барателот, односно вкупните приходи на барателот и неговиот брачен другар и висината на бараниот кредит, при што предност имаат барателите со пониски приходи и барањата на помал износ на кредит.

Законот чие донесување се предлага, се заснова на истите начела на кои се заснова Законот за субвенционирање на станбен кредит.

Законот ги содржи основните решенија на измените кои се содржани во Предлог законот“, се наведува во законското образложение.

Во Предлог-законот исто така се пропишува дека постапките по барањата за добивање на субвенциониран станбен кредит поднесени до деловните банки до денот на влегувањето во сила на овој закон, за кои одлуките за пред одобрување на барањето од деловните банки и образецот за потврда на исполнетост на условите ќе пристигнат во Министерството за финансии во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се завршат согласно со одредбите од законот по кој се започнати.

М.В