/ Прочитано:

5.291

„Предложените измени на Законот за нотаријатот се ширум отворена врата за надриписарство“ – Александар Танчевски, адвокат

„Изедначувањето на нелиценцирани правници со лиценцирани адвокати кои Уставот ги предвидува како единствена служба која може да дава правна помош претставува легализација на надриписарството. Адвокатот одговорноста за својата работа и за квалитетот ја потврдува со адвокатски печат зад кој стојат Уставот, лиценцата и задолжителното осигурување од надомест на штета“, вели адвокатот Александар Танчевски, член на Комисијата за измена и дополнување на Законот за нотаријатот и член на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија.

Во врска со предложените измени на Законот за нотаријатот, Танчевски вели дека законските измени се удар врз адвокатурата, која пак е уставна категорија. Решенијата во предложените измени, нагласува адвокатот Танчевски, се во спротивност со Уставот на Република Македонија.

„Со што дипломираните правници без лиценци ќе се легитимираат како составувачи на приватни исправи и правни акти за поведување на постапки коишто се предлагаат во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат од Стопанската и од Нотарската комора? Нема таква законска можност и овие предлози се само ширум отворена врата за надриписарство, правен хаос и конечен удар за адвокатурата. Се работи за решенија кои се во очигледна спротивност со Уставот. Од тезите на Стопанската комора дека субјектите можат самите да се застапуваат се премина на предлог за нив правни услуги да вршат нелиценцирани ’адвокати‘“, вели Танчевски.

Суштината на ваквите предлози, додава Танчевски, е повторно на нотарите, како и пред влегувањето во сила на постојниот закон, да им се овозможи нелегално да составуваат договори и предлози за платни налози, бидејќи не постои начин да се провери дали тоа го изработил нотарот или вработениот правник.

Според Танчевски, концептот на предлози на Нотарската и Стопанската комора е спротивен на смислата на постоењето закони и на начинот на нивната кодификација, затоа што се воведува можност примената на одредени стриктни одредби да се оневозможи „по барање на странката“.

„Па така, на пример, одредбата дека приватната исправа што ја изготвува адвокат ако нотарот оцени дека не е добра по барање на странката ќе изготви нотарска, а приватната исправа изготвена од адвокат ќе ја пришие кон нотарскиот акт. Со тоа, всушност, нотаријатот предлага закон со кој ќе ја пришие адвокатурата. Или, бесмислено е да се предвиди за кои правни дела е задолжителен нотарски акт, но истовремено, како што е тоа во предлогот, доколку странката побара – нотарот е должен за сите правни работи да состави нотарски акт. Законите мора стриктно да регулираат што може, а што не може; што е задолжително, а што не е, но апсурдно е во законите да се ставаат одредби според кои граѓаните си одлучуваат кои дејствија да ги преземе нотарот“, коментира адвокатот Александар Танчевски.

Тој додава и дека постоењето на одредба дека нотарскиот акт може да се предвиди во нелимитиран број закони како задолжителен е, како што вели, само начин за натамошна експанзија на нотаријатот со преземање на работата на адвокатите.

„Имено, нотарскиот акт е, всушност, договор којшто отсекогаш го составуваат адвокатите, но заради поголема заработка на нотарите, му се дава форма на нотарски акт затоа што солемнизираната приватна исправа составена од адвокат е потполно идентична приватна исправа“, истакнува адвокатот Танчевски.

„Најскромен чекор за надминување на ваквата монополизација е либерализација на нотаријатот со измена на членот 13 според која бројот на нотарите не треба да се ограничува. Неприфатливо е нотарите да бидат супервизори на адвокатите, да бидат адвокати и бидат судии како што се предлага“, резимира адвокатот Александар Танчевски.

Коментари на адвокати за измените на Законот за нотаријатот

М.В