/ Прочитано:

1.038

Предлози и забелешки за Законот за инспекциски надзор

Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ одржа инфо-сесија  на тема „Предлози и измени на Законот за инспекциски надзор“, на која четирите комори партнери во проектот го презентираа новиот Предлог-закон за инспекциски надзор. Едно од главните барања на деловната заедница во изминатиот период беше воспоставување на систем на работа на инспекциските служби, со точно утврдени акти поделени по сектори за тоа која документација е потребно да ја поседуваат компаниите за да се овозможи саморегулација на компаниите со цел да се превенираат репресивни мерки и казнувања.  Дополнително, побарано е да се стави акцент на едукативната и советодавна улога на инспекциските служби пред санкционирањето.

„Превенција и едукација, па потоа санкција, модернизирање на инспекциските служби и зајакнување на нивните капацитети и, пред сè, создавање систем со јасно дефинирани правила, кои ќе важат и ќе се почитуваат подеднакво во сите компании е предуслов за подобрување на квалитетот на инспекциската контрола. Потребно е да се промени перцепцијата за инспекциска контрола, компаниите да не стравуваат дека ќе бидат санкционирани кога ќе дојде инспектор во контрола, туку напротив инспекторите да бидат еден вид регулатори и во функција на подобрување на работата на компаниите”, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во досегашното постоење Инспекцискиот совет не придонел за остварување на целите заради кои бил формиран, а инспекциските служби биле преоптоварени со обврски од административна природа кон Советот.

„Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот надзор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на Законот конечно го предвидуваат тоа. Од ова голема корист ќе има бизнис-заедницата“ рече Манчевски.

Oпомената, како вид на инспекциска мерка, треба да биде задолжителна,  наместо досегашните изречени мерки кои беа базирани врз субјективен пристап на надзор, што е проблем кој беше воочен од резултатите кои произлегоа од анкетите во приватниот сектор, спроведени во рамки на проектот. Кон ова се додава и неопходноста за ставање на реални рокови за отстранување на неправилност бидејќи често документацијата која треба да се приложи зависи од административни процедури.

„Уште од самиот почеток се стремиме кон решенија што се темелат на превенција и едукација, кои ќе го намалат процентот на казни и санкции. Во овој процес досега многупати се покажало дека компаниите во Македонија сакаат да се развиваат и да бидат успешни, затоа сите ние имаме многу одговорна улога во подобрувањето на бизнис-средината во државата, со што ќе им понудиме на компаниите вистинска можност да се развиваат и да инвестираат во своите потенцијали. Нашата поддршка во оваа насока е сè поголема и се стремиме иновативноста да ја споиме со функционални решенија, кои ќе им бидат лесно достапни на компаниите“, изјави Љубомир Димовски, директор на ЕПИ центар интернационал.

На инфо-сесијата се обрати и Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседател на Инспекцискиот совет, која се осврнаа на сите придобивки што произлегуваат од новиот предлог текст. Во текот на дискусијата беа отворени повеќе прашања и дилеми со цел подобрување на текстот на Законот.

Јавна расправа за новиот Закон за инспекциски надзор: Ќе се подобри квалитетот на работата на инспекциските служби

МИОА: Јавна расправа за Предлог-законот за инспекциски надзор

Реформата на инспекциските служби значајна за работата на компаниите

Се подготвува нов Закон за инспекциски надзор 

М.В