/ Прочитано:

1.116

Предлози на поборниците за правата на жените за подобрување на Предлог-законот за прекинување на бременоста

Невладините организации поборници за правата на жените и за родова еднаквост го поздравуваат усвојувањето на Предлог-законот за прекинување на бременоста од страна на Владата и објавуваат соопштение во кое се вклучени забелешки и сугестии за негово подобрување.

Соопштението го пренесуваме изворно:

„Во подготовката на законското решение учествуваа и претставници и претставнички на самите граѓански организации. Уште од донесувањето на рестриктивниот закон за абортус во 2013 година, граѓанските организации, медицинската јавност и активистите укажуваа на неговата штетност по здравјето и животот на жените. Низ годините, законот беше многупати критикуван и од меѓународните тела за човекови права кои упатуваа препораки за негова итна ревизија.

Имено, постојниот закон ја спречува жената да ја добие услугата навреме, ја присилува да мине низ бременоста и пропишува високи казни за лекарите кои ја нудат оваа услуга, со што таа станува помалку достапна за жените на кои им е потребна.

Со новиот Предлог-закон на Владата, неправдата кон жените најпосле се исправува. Се бришат административните пречки (односно, задолжителното и пристрасното советување и тридневното чекање по советувањето) кои ја ограничуваа волјата на жените. Формирањето на Првостепената комисија е поместено од сегашната 12-та на 22-та гестациска недела од бременоста, со што се уважува репродуктивната слобода на жените. Се бришат и сегашните барања жените да приложуваат потврди во случаи на силување или неповолна социјална состојба; личните изјави на жените ќе бидат доволни за да здравствената установа ја даде бараната здравствена услуга. Со десеткратното намалување на казните ќе им се врати достоинството на лекарите, ќе се подобри нивниот однос кон пациентките и ќе се подобри квалитетот на услугата. Воведувањето на абортусот со апчиња (т.н. медикаментозен абортус) ќе ја олесни процедурата, а со проширување на услугата на примарно ниво, абортусот ќе стане пристапен во поголем број на градови и населени места со што ќе се намалат патните трошоци за жените и нивните семејства.

Со новиот Предлог-закон абортусот станува нераскинлив дел од пакетот на услуги за здравствена заштита. Така, наместо да пропишува и охрабрува пракса којашто ги потценува, наведува погрешно и присилува жените на одлуки спротивни на нивната волја, овој предлог-закон најпосле им гарантира квалитетна услуга и грижа и објективно информирање.

Нејсе, законот може да биде уште подобар, па затоа ние, долунаведените невладини организации, бараме во Предлог-законот да бидат вклучени и следниве наши забелешки:

Бремената жена која е лишена од деловна способност да има право да ги добие сите информации и да може да донесе автономна одлука дали ќе продолжи низ бременоста, а не да биде условена само од согласноста од родителот/старателот.

Да се намали возрасната граница од 18 на 16 години за автономно одлучување за абортус, без родителска согласност. Денес, младите во Македонија стапуваат во сексуални односи под 16 години, па затоа не постои оправданост да им се услови пристапот до абортус со родителска согласност.

Проширување на методите за прекинување на бременоста на примарно ниво и со други методи за кои постои медицинска оправданост, наместо ограничување само на медикаментозниот абортус. Моментално, лековите за медикаментозен абортус не се регистрирани во земјата, па новата одредба од Предлог-законот пропишува услуга која де факто не може да им се овозможи на жените во примарното здравство.

Конечно, ние, долунаведените невладини организации бараме:

1) Во најкус можен рок овој предлог-закон да влезе во собраниска процедура и да биде едногласно усвоен од пратениците и пратеничките на сите политички партии. Веруваме дека сите политичари и политичарки денес, особено оние од претходната власт, извлекоа поука од досегашното искуство дека демографски политики за раст на населението не се кројат со ограничување или забранување на абортусот, за што, впрочем, постојат и голем број научни докази и светски искуства.

2) Жените не смеат повеќе да ги трпат штетите од постојниот закон. Затоа бараме од сите пратеници и пратенички внимателно да ги разгледаат и дискутираат нашите забелешки сѐ со цел овдешниот здравствен систем да им обезбеди законски услови и на адолесцентките и на жените со одземена деловна способност да си го остварат уставно загарантираното право на здравје и да донесуваат одлуки согласно нивните потреби.

3) Токму затоа бараме во дискусиите и јавните расправи во Собранието да бидат вклучени и разни чинители, експерти и меѓународни организации сѐ со цел подобрување на текстот на Предлог-законот во интерес на здравјето на жените.“

Што се предвидува во новиот Предлог-закон за прекинување на бременоста усвоен на владина седница

Објавен текстот на Предлог-законот за прекинување на бременоста

Во подготовка Закон за прекинување на бременоста: Пациентката одлуката да ја донесе без принуда

Се подготвуваат измени на Законот за прекин на бременоста

ПРВИ СУДСКИ СЛУЧАИ И ПРЕСУДА ПО ОСНОВ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА: „Неопходни се законски измени“ – порачуваат адвокатите и експертите

М.В