/ Прочитано:

3.400

Предвидените внатрешни правни постапки во потпишаниот договор со Грција потребни за негово влегување во сила

Во конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство, се вели дека по потпишувањето на оваа спогодба, страните треба да спроведат повеќе чекори.

Втората страна (која беше примена во Обединетите нации согласно со резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г.  на Генералното собрание на Обединетите нации), како што е посочена Република Македонија во Спогодбата, без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација.

По ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата.

Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум.

Втората страна ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа Спогодба.

Втората страна во целост ќе  ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г.

По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на горенаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа Спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа Спогодба.

Во Спогодбата, исто така, се вели дека постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна,а со цел целосно спроведување на одредбите од оваа Спогодба, ќе започнат по ратификацијата на оваа Спогодба од нејзиното Собрание или по референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум.

Вчера во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас,  договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

На настанот беа присутни долгогодишниот посредник во преговорите Метју Нимиц, комесарот за европроширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Во договорот, меѓу другото, се вели дека се прифаќа официјалното име на Втората страна да биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се  употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа Спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.

Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.

Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во членот 7, став (3) и став (4) од оваа Спогодба.

Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа Спогодба.

Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО).

Што се предвидува во членот 7 од Спогодбата?

1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2. Во однос на Првата страна, овие термини ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

3. Во однос на Втората страна, овие термини ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во членот 7, став (2).

4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата јужнословенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и другите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.

5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема за цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.

Владата го објави текстот на договорот со Грција

М.В