/ Прочитано:

1.084

Преку проценка на влијанието на регулативата на занаетчиската дејност до подобрување на деловната клима

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ ја промовираше студијата „Преку проценка на влијанието на регулативата на занаетчиската дејност до подобрување на деловната клима“, чии автори се д-р Мишо Докмановиќ, д-р Катерина Шапкова-Коцевска и д-р Дарко Спасевски.

На денешниот настан беше нагласено дека е потребен регистар на занаетчии, нивно поврзување со средните стручни училишта, промена во даночната политика за оваа сфера, нова законска регулатива и нов систем за субвенционирање.

Според истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација, постои слаба информираност на занаетчиите за законските регулативи, кои пак е потребно целосно да се имплементираат, а потребно е и донесување на подзаконските акти за да може да профункционира регистарот на занаетчии.

„Во 2015 година беше донесен нов Закон за занаетчиство. Во земјата досега не е спроведена анализа за процена на влијанието на регулативата која се однесува на вршењето на занаетчиската дејност“, истакнуваат од Институтот.

Понатаму од Институтот образложуваат дека преку регистарот на занаетчии, многу лесно ќе се утврди бројката на занаетчии во Република Македонија. Потребно е и поврзување на занаетчиите со средните стручни училишта со цел образовните програми да бидат приспособени на потребите на праксата, но и да се изврши процена на предностите и недостатоците на средното стручно образование, посочуваат од Институтот.

Според студијата, давачките по основ на даноци се голем товар за занаетчиите, а  Македонија од сите земји во регионот има најнизок праг за влез во ДДВ. Постои и нелојалната конкуренција која  е на штета на занаетчиите кои работат во согласност со прописите.

„Во однос на законската рамка, исто така треба да се поедностават прописите од даночен аспект. Дополнително, неопходно е да се разгледа и да се оцени прагот за ДДВ обврзници во согласност со Законот за данокот на додадена вредност и да се приспособи на компаративните искуства од регионот“, посочуваат од Институтот.

Резултатите од студијата упатуваат и на потребата да се подготви и нов систем на субвенционирање, кој ќе биде рамномерно насочен кон потребите на различните занаетчии во зависност од нивниот вид и големина, а особено за субвенционирање на чираци и занаетчии кои ангажираат чираци.

„Се наметнува потреба од создавање систем на субвенционирање, кој ќе опфати многу повеќе финансиски средства од постојните и ќе биде рамномерно насочен кон потребите на различните занаетчии зависно од нивниот вид или големина“, се вели во студијата.

Студијата се темели на спроведено емпириско истражување (анкета, фокус-групи, тркалезни маси) во врска со ефектите на Законот за занаетчиство. Студијата на ИСИЕ содржи повеќе препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за економија, Министерството за образование и наука, занаетчиските комори и општините.

Проектот „Преку проценка на влијанието на регулативата на занаетчиската дејност до подобрување на деловната клима” го спроведува Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје во рамките на проектот „ЈЕСНетворк+“, имплементиран од Фондацијата за претприемачки сервис за млади, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Здружението за рурален развој „Јавор“, а финансиски поддржан од Европската Унија.

М.В