/ Прочитано:

1.988

Преку Советодавното тело за судиска етика ќе се зaјакнува етиката на судиите како клучна за независноста на судството

Здружението на судиите на Република Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија  денеска одржаа прес-конференција посветена на промоција на проектот „Подобрување на механизмите за зајакнување на судската етика – споделување на добрите практики во регионот и ЕУ“.

Проектот „Подобрување на механизмите за зајакнување на судската етика – споделување на добрите практики во регионот и ЕУ“ е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија, a Здружението го спроведува како партнер во соработка со Холандското здружение на судии и Здружението на судиите на Република Србија.

Во светло на реформскиот процес на правосудниот сектор кој е во тек и континуираните заложби на Здружението кон обезбедување независно и самостојно судство, главната цел на проектот е поддршка за иницијално функционирање и развој на Советодавното тело за судиска етика, што ќе доведе до воспоставување саморегулаторни механизми за промоција и почитување на принципите на Кодексот за судиска етика од страна на судиите.

На денешната прес-конференција, претседателот Џемали Саити и амбасадорот Вилем Ваутер Пломп ги презентираа активностите предвидени за реализација во рамките на проектот. Главната цел на проектот, истакна судијата Саити, е насочена кон етаблирање и функционалност на Телото за судиска етика на Здружението на судии на РМ. Етаблирањето на Телото, додаде Саити, ќе биде овозможено и преку подготовка на сите потребни документи за неговото функционирање, како и преку подигнување на свеста кај судиите за улогата и функцијата на Телото.

Како што се предвидува во рамките на проектот, прашањето за подигнувањето на свеста ќе биде  реализирано во соработка со холандски експерти и со Холандското здружение на судии. Работата на членовите на Телото ќе биде набљудувана, со што ќе се овозможат сознанија за тоа како се спроведува проектот.

Претседателот на Здружението на судии нагласи дека во рамките на проектот е предвидено и зајакнување на соработката на судиите за воспоставување на еднаков пристап во надминувањето на стереотипите и негативните перцепции спрема судството во регионот на Западен Балкан и, во таа насока, ја потенцираше и потребата од регионалната соработка.

За функционирањето на Телото предвидени се и понатамошни бројни активности во делот на подготовката на извештај за статусот на судиите и дисциплинската одговорност на судиите наспроти етичката одговорност и позицијата на слични комисии во Србија и соседните земји. Предвидено е и потпишување на меморандуми со сличните судски институции, организирање обуки, работилници и работни седници.

„Подигнувањето на свеста кај општата јавност во однос на улогата и функционалноста на Телото ќе се одвива преку подготовка и печатење на постери, памфлети и друг информативен материјал кој ќе биде дистрибуиран до сите судови во земјата. Во рамките на оваа активност, веб-страницата на Здружението ќе биде дополнета со веб-платформа за работата на Телото, каде што ќе бидат објавени и ќе бидат достапни за јавноста сите одлуки, записници и други новости во врска со неговата работа, со цел овозможување на целосна транспарентност“, беше посочено на денешниот настан.

Холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп во своето обраќање истакна дека се работи за проект од исклучително значење за независноста на македонското судство. Независноста на судството е најбитна, подвлече амбасадорот, бидејќи директно влијае на животот на граѓаните кои бараат судството да биде независно. Исто така, додаде Пломп, независноста на судството е важна и за патот на Македонија кон ЕУ, за што Холандија ѝ дава континуирана поддршка.

„Дури и за најдобрите закони се потребни луѓе со интегритет. Правосудниот систем е добар онолку колку што се добри луѓето во него. За независноста на еден судија од клучно значење се неговиот интегритет и неговата етичност“, подвлече амбасадорот Пломп.

Независното судство, нагласи амбасадорот, значи и доследно почитување на владеењето на правото, што е и најголемата придобивка за граѓаните. Во Извештајот на Прибе, посочи Пломп, се говори дека повеќето судии се професионални и не се генерализира состојбата, туку се посочува дека треба да има истрага за оние судии кои постапувале незаконски и неетично.

М.В