/ Прочитано:

1.785

Препораки на компаниите за реформа и унапредување на системот на јавни приходи

Стопанската комора на Македонија и компаниите нејзини членки се подготвени за процесот на реформа на системот на јавни приходи и да дадат свој активен придонес во сите активности. Во таа насока, Стопанската комора и компаниите ги даваат следните препораки за  унапредување на постојниот систем на јавни приходи во Р Македонија:

На прво место, од посебна важност е да се истакне дека е потребно системот на сите јавни приходи во Република Македонија да биде строго уреден и секогаш мора да е под клучен надзор од Министерството за финансии на Република Македонија. Имено, потребна е реформа на комплетната законска и подзаконска регулатива која е поврзана со неданочни и парафискални давачки. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или без мислење доколку се работи за одлуки на Владата. Со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената пракса каде што различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и основните елементи на одредени давачки.

Неопходно е сите досегашни сопствени приходи на државните органи, органите на управата и локалните самоуправи, агенции, дирекции, бироа и сл., да станат приходи на буџетот, т.е. сите тие ентитети да се воведат во системот на буџетот.

Неопходно е да се спроведе прецизна класификација и разграничување на сите фискални форми кои постојат во даночниот систем, и да можат да се наречат даноци само оние давачки кои имаат карактер на даноци, но не и надоместоците, таксите за одредени добра и услуги. Разграничувањето и класификацијата предлагаме да бидат спроведени од Министерството за финансии во најкраток рок.

Министерството за финансии како координатор на активноста, заедно со коморите, деловните банки, НБРМ, ЛС и претставници од реалниот сектор, да започне постапка за воспоставување регистар на неданочни давачки кои постојат во Македонија.

Во привичните препораки не се бара намалување на висината на одредени давачки или нивно укинување. Одредени давачки имаат своја оправданост и секако треба да постојат (пред сè давачки за заштита на животна средина, концесии за користењето на природните богатства и сл.). Тоа мора да биде предмет на подлабоки и сеопфатни анализи кои би биле проследени со природата на самите давачки, нивната намена во системот, користењето на приходите кои се остваруваат по тој основ и соодветната меѓународна практика.

Затоа се предлага, врз основа на регистарот на парафискални и неданочни давачки направен од страна на Министерството за финансии во соработка со општините, други државни органи и претставници од коморите и реалниот сектор, да се започне со соодветни анализи и да се донесат соодветни првични предлог-решенија, кои би се однесувале на следното:

– оправданоста и целисходноста од постоење и воведување на одредени надоместоци и давачки, односно нивно укинување, бидејќи одредени давачки и сега покажуваат дека не поседуваат фискален капацитет, т.е. не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок, како за државната администрација, која го утврдува и наплатува, така и за обврзниците кои ги плаќаат;

– интегрирање на одредени слични давачки;

– изедначување на висините на давачките за исти и слични видови административни или други услуги;

– изготвување на преглед на давачки од страна на правните лица кои се плаќаат во различни општини;

– изготвување на преглед на разни плаќања кои се плаќаат на сметките на деловните банки и кои произлегуваат од државни агенции, бироа, јавни претпријатија и слично.

М.В