/ Прочитано:

1.536

Препораки на Венецијанската комисија за дополнителни измени на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет

Според Мислењето на Венецијанската комисија, кое е неодамна доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет и на Законот за судови се оценети позитивно, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите, информираат од Министерството за правда.

Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила се поедноставени и упростени и ја заштитуваат судската независност.

Во Мислењето, посочуваат од Министерството, истакнато е дека двата закони поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судството.

Воедно, се препорачува и дополнително изменување и дополнување на законите со цел нивно појаснување, па во таа насока Венецијанската комисија препорачува:

– Во Законот за Судскиот совет треба да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки;

-Треба да се допрецизира дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите;

– Да се прецизира разликата направена помеѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и она што претставува сериозен дисциплински престап. Законот мора да нагласи дека разрешувањето на судија за професионална грешка е можно само ако се исполнат два предуслови: вината на засегнатиот судија (водејќи сметка за намерата на дејствието или очигледноста на небрежноста) и тежината на грешката и нејзините последици и

– Укинување на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права.

Мислењето за измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет на пленарна сесија на Венецијанската комисија

М.В