/ Прочитано:

2.951

ПРЕСУДА: Една година казна затвор и една година забрана за управување со моторно возило за возачот кој ја усмрти Матеа

Како што истакна судијата Седат Реџепагиќ при соопштување на пресудата, за одредувањето на висината на казната ги зел предвид олеснителните околности за обвинетиот, а тоа се: никогаш порано не бил осудуван, против него не се води друга постапка, неговата материјална состојба како единствен извор на приходи во семејството и здравствената состојба на неговиот син, како и признанието на вина и изразувањето каење за немилиот настан.

Судење сообраќајка Хром

Една година казна затвор и една година забрана за управување со моторно возило е пресудата што денеска му ја изрече Основниот суд Скопје 1 на возачот Раде Васаќевски, кој е обвинет за смртта на единаесетгодишната Матеа која беше прегазена во скопската населба Хром.

Како што истакна судијата Седат Реџепагиќ при соопштување на пресудата, за одредувањето на висината на казната ги зел предвид олеснителните околности за обвинетиот, а тоа се: никогаш порано не бил осудуван, против него не се води друга постапка, неговата материјална состојба како единствен извор на приходи во семејството и здравствената состојба на неговиот син, како и признанието на вина и изразувањето каење за немилиот настан.

Во образложението на критичниот настан, судијата појасни дека Васаќевски го видел девојчето додека стоело на тротоарот на крстосницата, но поради вртењето и висината на камионот се создал мртов агол поради што возачот не забележал кога Матеа тргнала по пешачкиот премин и ја удрил. Малото невнимание било фатално за девојчето, додаде судијата.

На првото рочиште возачот на камионот Васаќевски ја призна вината и изрази каење за делото што го сторил.

Во емотивно обраќање кон судот и семејството на малата Матеа, Васаќевски изрази сочувство за прераното загинување на девојчето и побара прошка и можност да го посети нејзиното вечно почивалиште.

„Никогаш во животот не сум помислил дека ќе повредам некого. Најголем неуспех во животот ми е што не успеав да ѝ помогнам на Матеа. Тоа ангелче не смееше да замине и јас до гроба ќе носам црнина. Не успеав да ја видам, камионот е многу висок. Кога сфатив што се случило, веднаш скокнав од камионот, ја зедов в раце и ѝ го слушнав последниот здив. Не можев да ѝ помогнам и докрај ќе живеам со таа мисла. Подобро е јас да бев на нејзиното место“, рече Васаќевски во понеделникот.

Во завршниот збор обвинителот истакна дека очекува законска одлука за висината на казната за стореното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл. 300 ст. 4 в.в. со чл. 297 ст. 3 в.в. ст. 1, кое му се става на товар на обвинетиот.

„Во интерес на времето и во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка нема да ја елаборирам фактичката состојба која целосно и правилно е утврдена во обвинителниот акт. Нема да интервенирам во квалификацијата на делото. Со оглед на тоа дека во оваа сообраќајна несреќа е изгубен млад живот поради сторени пропусти во сообраќајот, оценувам дека Судот треба да донесе соодветна законска санкција, имајќи го предвид и Законот за одмерување на казната, но притоа да ја има предвид и индивидуализацијата на казната во корелација со стореното кривично дело“, истакна обвинителот пред Судот.

Сообраќајната несреќа во која загина Матеа се случи на 24 октомври минатата година во Скопје на крстосницата од улиците„Војвода Васил Чакаларов“, „Ангел Динев“ и „Исаија Мажовски“. Товарно моторно возило „Даф“ со скопски регистарски ознаки управувано од Васаќевски удрило во пешакот Матеа која поради сериозноста на повредите починала на местото на несреќата.

М.С.

Возачот на камион кој усмрти единаесетгодишно девојче ја призна вината