/ Прочитано:

5.159

ПРЕСУДА „КЕРОЗИН“: Вкупно 32 години затвор за семејството Пецови за малверзации со нафта

Среда, 16 април 2014 – Основниот суд Скопје 1 ги прогласи за виновни сите шеснаесетмина обвинети во случајот „Керозин“, кои се товарат дека како злосторничка група преку неготинската фирма „Алма комерц“ точеле помало количество нафта отколку предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа го оштетиле Буџетот на РМ за речиси 2,5 милиони евра. 

Највисоки затворски казни им беа изречени на сопствениците на „Алма Комерц“ – семејството Пецови и тоа: првообвинетиот Ангел Пецов доби казна затвор од 12 години, неговата сопруга Мариче Пецова е осудена на 11 години затвор, додека на нивниот син Љупчо Пецов му е изречена 9-годишна затворска казна. Тие се осудени за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување, затајување данок и давање поткуп. 

лево: Ангел Пецов

Од возачите на цистерните највисока затворска казна доби четвртообвинетиот Љупчо Темов, односно седум и пол години. На затвор се осудени и останатите петмина возачи, нивните казни се движат од три и пол години – најниската до 6 години – највисоката. Условна пресуда му е изречена само на 16-обвинетиот, вработен во една од оштетените институции, додека другите вработени во институциите каде се испорачувала нафта исто така добија затворски казни кои се движат од  една година и четири месеци до три години и осум месеци. Казна затвор од две години доби и единствениот обвинет кој ја призна вината – Славчо Милошевски.

Освен петторица обвинети, останатите до правосилноста на пресудата остануваат во притвор каде се наоѓаат повеќе од година и пол. 

Казните кои ги изрече судскиот совет на чело со судијата Ивица Стефановски се следните:

  1. Ангел Пецов – единствена затворска казна во траење од 12 години и парична казна во висина од 5.000 евра за кривичните дела –злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и даночно затајување;
  2. Мариче Пецова – единствена затворска казна во траење од 11 години и парична казна во висина од 4.000 евра  за кривичните дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување, даночно затајување и давање поткуп;
  3. Љупчо Пецов –  единствена затворска казна во траење од 9 години за кривичните дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и давање поткуп;
  4. Љупчо Темовединствена затворска казна во траење од 7 години и 6 месеци за кривичните дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и давање поткуп;
  5. Маријан Пецовединствена затворска казна во траење од 6 години за кривичните дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и давање поткуп;
  6. Митко Делков единствена затворската казна од 5 години за кривичните дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување;
  7. Александар Ангелов –  единствена затворска казна во траење од 4 години и 6 месеци за кривичните дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување;
  8. Горан Јанев единствена затворска казна во траење од 3 години и 6 месеци за кривичните дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување;
  9. Ѓорѓи Стоевединствена затворска казна во траење од 4 години и 6 месеци за кривичните дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување;
  10. Александар Велјаноски –  единствена затворска казна во траење од 5 години за кривичните дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување;
  11. Есат Сејдијиединствена затворска казна во траење од 3 години за кривичното дело – злоупотреба на службената положба;
  12. Мухарем Хоти единствена затворска казна од 3 години и 8 месеци за кривичното дело – злоупотреба на службената положба;
  13. Љупчо Алексовскиединствена затворска казна во траење од 1 година и 4 месеци за кривичното дело – злоупотреба на службената положба;
  14. Драган Ѓиновски единствена затворска казна во траење од 2 години за кривичното дело – примање поткуп;
  15. Славчо Милошески  единствена затворска казна во траење од 2 години за кривичното дело – примање поткуп;
  16. Љупчо Трпевскиалтернативна мерка – условна осуда – казна затвор во траење од 2 години која нема да ја изврши доколку за време од 5 години не стори ново кривично дело за кривичното дело – несовесно работење во служба.

Судот изрече и конфискација на протиправно стекнатиот имот по правосилноста на пресудата. Времето поминато во притвор на обвинетите ќе им се засмета во казната.

Незадоволството од казните можеше да се слушне уште во судница. За одбраната, тие се драконски.

„Нашите ставови во врска со обвинителниот акт ги изнесовме во својот завршен збор. Сметам дека не соодветстуваат доказите на денешната пресуда. Секако дека ќе поднесеме жалба по сите основи“, изјави адвокатот Кире Ивановски.

 „Jас, како бранител на возачите од овој предмет, сакам да посочам дека им се става една абнормална квалификација дека помагале во злоупотреба на службена положба. Навистина ме интересира како тоа судот ќе го опише и како ќе каже дека еден обичен шофер со 10 месеци работа во фирмата – 17 месеци поминува во притвор. Еве ви уште еден доказ како и на кој начин правосудството ја третира мерката притвор и до каде ќе идеме не знам“, истакна адвокатот Мирослав Вуиќ.

Од Судот потсетија дека станува збор за првостепена, неправосилна, пресуда и странките во постапката имаат право на жалба до повисокиот суд.

„Како Основен суд Скопје 1 напоменуваме дека ова е првостепена пресуда, ова не е првосилна пресуда и странките во постапката имаат право на жалба пред Апелациониот суд“, рече Дејан Ристовски, портпарол на Основен суд Скопје 1.

Судскиот процес за овој случај траеше речиси 9 месеци при што беа испрашани над 30 сведоци, како и изведени голем број материјални докази.

Предметот за акцијата „Керозин“ опфаќа вкупно 16 лица кои се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп. Освен Ангел Пецов, неговата сопруга и син, обвинението ги опфаќа и сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачателите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените иституции – котлари, домари и сл., кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките. Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.

Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)